1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

На ирачкото стопанство му треба итна помош

Ирак ја доби власта назад, но безбедносната ситуација останува катастрофална. Нејасно е и тоа како натаму ќе биде со стопанството.

Намирниците тешко стигнуваат во Ирак

Намирниците тешко стигнуваат во Ирак

Границата меѓу Ирак и Турција: овде секојдневно се прегледуваат стотици камиони кои носат стоки наваму-натаму. Тоа е единствената животна артерија на Ирак што донекаде функционира. Сосема поинаква е ситуацијата на важните гранични премини кон Сирија и пред се кон Јордан. Место традиционално вообичаената атмосфера на врева и зделки, владее целосна тишина. Киркук во северен Ирак: низ скоро илјада километри долгиот нафтовод што минува низ Турција, одвај да протечува нафта. Најчесто е мртов поради саботажи. Слична, ако не и подраматична е ситуациајта во најважните нафтени терминали на југот од земјата. Слики кои покажуваат колку жестоко е погодена економијата на земјата од тероризмот и насилството. Од една страна во земјата доаѓа малку од потребната стока, како и итно потребните странски пари и технологија. Од друга, приходите од нафтата се уште се на предвоеното ниво. Единствениот важен извор на приходи за Ирак, толку важни за обновата, полека пресушуваат. Последиците за луѓето во Ирак: нема пари, малку работа, недостиг во најосновното снабдување, лошо образование во училиштата и во професиите. Економската обнова која би можела да придонесе за стабилни односи никако да почне. Ирак дополнително го притискаат и 120-те милијарди долари долгови. Богатите земји во светот не се единствени во тоа дали да ја ослободат земјата делумно или од сите долгови. Помошта во милијарди што меѓународната заедница ја ветува на интернационалните конференции скоро и да ја нема. Во земјата страдаат пред се малите и средни фирми кои се најважните за заздравувањето на стопанството. Без пари, кредити и без познавања на пазарната економија тие не знаат како воопшто да добијат договори, ако воопшто добиваат некакви порачки. Петер Војке, претседател на меѓународната финансиска корпорација радо би помогнал заедно со Светската банка:

“Она што секогаш страда на почетокот се малите фирми кои немаат никаков пристап до кредити, не можат да се снајдат во новите услови на пазарна економија и не знаат како да се однесуваат. Кога Ирак ќе се смири – засега секако не можеме таму да испраќаме луѓе – тогаш како прво треба да испратиме млада група консултанти кои пред се ќе се занимаваат со малите фирми“.

Меѓутоа, извесно време неговите советници нема да дојдат во Ирак, подеднакво како и соработниците на Обединетите нации или експерти на германски и на други европски фирми. Се додека не започне да се движи економијата, Ирак ќе зависи од увоз. Земјата со вторите најголеми светски резерви на нафта мора да купува дури и струја. Како и кога ќе се развие ирачкото стопанство со неговите исклучителни потенцијали? На ова прашање не може да се одговори. Драматичната безбедносна ситуација и нејасната правна и политичка состојба оневозможуваат каква и да е прогноза.