1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

На Илинден пораки за обединување, непоколебливост, дијалог...

Во Македонија се прославуваат 109 години од Илинденското востание и 68 години од Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, на кое беа поставени темелите на современата македонска држава.

default

Државниот врв од Мечкин Камен, Пелинце и од Скопје испрати пораки по повод 2. август.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во обраќањето на Мечкин Камен на одбележувањeто 109 години од Илинденското востание, се осврна и на Букурешкиот договор од 1913 година, кога, посочи, Македонија и Македонците беа поделени, а македонското име и македонскиот јазик беа оспорувани и потиснувани. Но, потенцира тој, не успеаја да го затворат македонското прашање.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov

Претседателот Иванов

Претседателот на државата, ја спомена и неодамнешната посета на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кога тој во Охрид, потенцира Иванов, рече: „Никогаш да не се согласувате на компромис кога станува збор за вашите принципи. Универзално прифатени принципи... Јас никогаш не прифаќам компромис кога станува збор за ... основни човекови права и достоинство ... кога се работи за универзално прифатени принципи, никогаш не треба да се прави компромис.“

„Од името на македонските граѓани, нема да прифаќам извештаи за Република Македонија кои не ги вклучуваат нашите идентитетски одредници. Јас како претседател на Република Македонија инсистирам да ни се обраќаат со почит, во согласност со меѓународното право и со универзално прифатените принципи. Принципи за кои никогаш не се прави компромис“, порача од Мечкин Камен, претседателот на Република Македонија.

Стратегиска определба на македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество, истакна претседателот, била, е и ќе биде полноправно членство во НАТО како гаранција за мирот, безбедноста и стабилноста на Република Македонија и членство во Европската унија како предуслов за мир, развој и напредок.

Иванов апелираше да се престане со дневно-политичките поделби, затоа што, оцени ако искрено се фокусираме на стратешките цели, ќе истраеме на нашиот пат кој води до целта која ги обединува граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност.

Груевски смета дека пречките на интегративниот пат не се ненадмилниви

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski

Премиерот Груевски

Премиерот Никола Груевски во својот говор по повод денешниот празник „Илинден“, пред споменикот на првиот претседател на АСНОМ во Скопје, Методија Андонов - Ченто, конкретно не го спомена спорот за името што го има Македонија со Грција, но порача дека попречувањата на интегративниот пат на земјата не се ненадминливи.

„Реализација на европската и евроатланската интеграција останува на врвот на нашите приоритети, Македонија е позиционирана да стане дел од НАТО и Европската унија. Реформите за постигнување на стандардите го имаат нашето полно внимание. Попречувањата на интегративниот пат не се ненадминливи, но мораат да бидат во духот на правдата, правото, еднаквоста и слободата, резултат на мудро одлучување и остварување на одржливи решенија и секако прифатени од народот. Надминувањето на предизвиците, нашиот приоритет, ја докажува нашата иницијативност и интенцијата за унапредување на дијалогот, добрососедските односи, регионалниот развој“ рече Груевски.

Тој вети дека ќе продолжат со остварување на овие цели без лажни ветувања, чесно и искрено и секогаш во корист на народот. Во својот говор ги спомена проектите на владата и вети подобрување на образованието, здравствената заштита, условите за инвестирање и перспективата на младите.

Вељаноски од Пелинце повика на обединување

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008

Претседателот на собранието Вељаноски

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски кој по повод денешниот празник Илинден од Меморијалниот центар АСНОМ - Пелинце, повика на обединување и надминување на разликите. „Куќата на Македонија е изградена, нашата најсвета обврска е да ја сочуваме. Затоа потребно ни е единство како никогаш порано. Повикувам конечно да ги оставиме разликите зад нас, да бидеме сложни околу напредокот, да подадеме рака за да направиме уште повеќе и уште подобро, да застанеме сите под бајракот на слободна и просперитетна Македонија. Одговорноста за развивање на Македонија е поголема од било која разлика која постои и која не раздвојува“ рече Вељаноски.

Тој дополни дека Македонија е посветена кон развивање на односи и соработка со сите наши соседи. „Напредокот е наша цел, иако некогаш независно од нашата волја и посветеност, може да биде попречуван од ирационални спорови. Но дека аргументите се поважни од силата се покажа и со одлуката на судот во Хаг за спорот со името што го имаме со Грција“, рече Вељаноски.

Свежо цвеќе и венци во Меморијалниот центар АСНОМ - Пелинце положи и поранешниот претседател и лидер на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски.

Поврзана содржина