1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

На европратениците им е преку глава селидбата Брисел-Стразбур

Стразбур, Брисел, Луксембург или некој друг град - седиштето на Европскиот парламент останува спорно. Европратениците сакаат сами да одлучат. Досега тие беа принудени на постојани „преселби“.

Големо мнозинство од европратениците вчера (20.11.2013) се согласи со предлогот за тоа каде да биде седиштето на Европскиот парламент, да решаваат тие самите. Моментно европратениците, заедно со нивните помошници и администрацијата постојано патуваат меѓу Стразбур и Брисел. Парламентот само 48 дена во годината одржува пленарни сендици во францускиот град Стразбур. Постојаните преселби годишно чинат околу 150 милиони евра, проценува пратеникот од Зелените, Гералд Хефнер, надлежен за темата.

Symbolbild Leeres EU-Parlament 2013 ARCHIVBILD

Постојаните преселби чинат прескапо

„Циркусот со селењето е непотребен“

Гералд Хефнер смета дека одлуката на Европарламентот да побара промена на Европските договори поради прашањето за неговото седиште, е историски чекор.

„Парламентот мора конечно да го заслужи правото на секој парламент во светот, имено, да решава кога, каде и за што ќе се одржуваат средбите“.

Европските договори пропишуваат дека седиштето на Европскиот парламент е Стразбур. Само Советот, односно претставништвото на земјите-членки тоа може да го промени со едногласна одлука. Но, досега Франција постојано ја блокираше сериозната дебата на оваа тема.

Британскиот конзервативен пратеник Ешли Фокс истакнува - на своите избирачи не може да им го објаснува постојаниот караван од возила меѓу Брисел и Стразбур.

„Со нашиот патувачки циркус меѓу Брисел и Стразбур ние стануваме предмет на потсмев во цела ЕУ. Поддршката за ЕУ во Велика Британија се топи. Продолжувањето на постојаните преселби, покрај останатите работи, и натаму ќе ја намалува“, истакна Фокс на парламентарната дебата.

EU-Parlament Straßburg

Европскиот парламент во Стразбур

Кој град да биде, не е одлучено, важно е да е еден

Пратениците пледираат во својата одлука за едно седиште на парламентот и правото сами да решат, но не наведуваат име на конкретен град, ни Стразбур ниту Брисел. Француската пратеничка Констанц Ле Грип формално коректно предупреди - Европскиот парламент, уште од своето формирање во 1952. година има само едно седиште, а тоа е пограничниот град Стразбур, како симбол на германско - француското помирување. Втората парламентарна зграда во Брисел, Европарламентот самиот си ја дозволи, зашто пратениците, од практични причини, сакаа да заседаваат поблиску до Европската комисија и Министерскиот совет во главниот град на ЕУ.

Констанц Ле Грип аргументира како и поранешниот француски претседател, Никола Саркози.

„Франција, се разбира, е за едно седиште на Европскиот парламент, тоа мора да биде во Стразбур, од Брисел можеме да се откажеме“.

Освен тоа, Европарламентот е само една од многуте европски институции, распоредени низ повеќе земји-членки, вели Констанц Ле Грип.

„Жалам што ова прашање е издвоено од тоа за седиштето на останатите институции, не може да се работи само за едно седиште на Европарламентот“.

И Луксембург, каде се сместени бројни европски институции, не е баш подготвен да се откаже. Што би било ако Франкфурт треба да се откаже да биде седиште на Европската централна банка, прашува Французинката.

Франција се противи

За да не чепка во ова буре барут на националните суети, Европарламентот прво се воздржа од означувањето одреден град, вели европратеникот Ешли Фокс. На почеток се работи за тоа да му се земе правото на одлучување за седиштето на Министерскиот совет. Фокс навестува дека не мора да се заседава во Брисел, белгиската престолнина нему му изгледа премногу неуредна и опасна.

„Стразбур за мене случајно е еден од најубавите градови кои сум ги посетил. Тој е чист, безбеден и пријателски, има долга историја. Брисел пак може да поентира само со последната карактеристика“, вели Фокс.

Nicolas Sarkozy in Nizza 27.09.2013

Никола Саркози беше огорчен противник на преместувањето на седиштето од Стразбур

Европратеникот Индрек Таранд од Естонија се залага седиштето на Европскиот парламент да биде во Прага, како сообраќајно-технички центар на 28-те земји-членки или уште подобро, во Загреб, зашто таму времето најчесто е поубаво отколку во тмурниот Брисел. Еден австриски пратеник ја предложи Виена. Ниту Луксембург нема лесно да се откаже.

Европратениците веќе 30 години негодуваат поради пленарните седници во Стразбур. Тогашната претседателка на парламентот, Симон Вајл, Французинка, патувачкиот циркус го нарече расфрлање со пари и време. Француската влада во 2012. година дури поднесе тужба пред Европскиот суд заради утврдување на правото без нејзина согласност да не се менува седиштето на Европарламентот. Сега, европратениците се стремат кон промена на Европските договори, но тоа може да трае со години.