1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

На Грција и’ се потребни нови 2,5 милијарди евра

Ситуацијата околу финансирањето на грчкиот долг е посложена отколку што досега се мислеше. На земјата и’ се потребни дополнителни сретства за да избегне банкрот, пишува германскиот неделник „Шпигел“.

Најчитаниот политички магазин во Германија, „Шпигел“, повикувајќи се на сознанија на претставниците на т.н. меѓународна кредиторска Тројка, објавува дека на Грција ќе и’ бидат потребни дополнителни 2,5 милијарди евра за да избегне банкрот. Според информациите на „Шпигел“ добиени од извори во Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка, чии претставници ја сочинуваат т.н. Тројка, финансиските дупки во Грција не изнесуваат 11,5 милијарди евра, како што до сега се сметаше, туку најмалку 14 милијарди евра. Според информации на весникот, Франција заедно со јужноевропските земји во еврозоната врши притисок во случај на нужда на Атина да и’ се додели нова помош за да се избегне нејзино излегување од европската монетарна унија.

Германија не сака „буре без дно“

Германија од друга страна е категорично против дополнителна помош за грчките власти. „Грците мораат да се придржуваат до она што го ветиле и нема никаков простор за дополнителни исплати на помош“, изјави шефот на пратеничката група на владејачките партии - Христијанско демократската и Христијанско социјалната унија, Фолкер Каудер. И германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле одлучно отфрли каква било можност за нов пакет помош за Грција.

„Можностите на ЕУ за обезбедување финансиска помош на Грција не се безгранични. Неодговорно е да се фрлаат пари во буре без дно“, истакна министерот, дополнувајќи дека нема простор за развивање нова програма за спасување на Грција. Ниту шефот на еврозоната Жан Клод Јункер не гледа причини за такво нешто.