1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

На гостувањето во Париз најдобра игра на Германија годинава

На 7 месеци пред почетокот на Светското првенство (СП) репрезентацијата придонесе за подобрување на фудбалската атмосфера во земјата-домаќин

Од натпреварот Франција - Германија

Од натпреварот Франција - Германија

По слабите претходни настапи против Кина и Турција, впечатокот од средбата против Франција, која заврши нерешено 0 спрема 0, испадна речиси неочекувано добар. Навистина, Германија и во 16-от обид не успеа да победи некого од великаните на светскиот фудбал, но беше близу до тоа: ја надигра Франција, светски првак од 1998-ма година, имаше и повеќе шанси за гол. Истовремено, одбраната – иако составена од млади играчи, одлично ги затвори приодите кон голот и во 90-те минути си дозволи само една грешка.

„Огромен комплимент. Беше прекрасно како Мертезакер, Хут и Јанзен одиграа на Стад де Франс против еден врвен противник. Мислам дека тие добро се надополнуваат. Тие млади момци можат да играат модерна варијанта на одбранбена четворка во линија, оти тоа го научиле во своите клубови. Тие ни влеваат многу верба. Кога повторно ќе се придружи и Мецелдер, тогаш ќе бидеме добро екипирани“ – вели селекторот Јирген Клинсман.

Кон комплиментите на сојузниот тренер се придружи и капитенот Михаел Балак. „Мислам дека целиот тим заслужува голема пофалба. Се спротивставивме борбено, тактички игравме многу добро, се држевме во дуелите. Создадовме и по некоја гол-шанса, така што мислам дека воопшто може да се биде задоволен“.

Сега за репрезентацијата претстои пауза од триипол месеци, а нареден противник во рамките на подготовките ќе биде Италија на 1-ви март наредната година. Погледот веќе се врти кон извлекувањето на групите од завршницата на СП.

„Се разбира, сите со нетрпение го очекуваме извлекувањето. Сакаме да знаеме кои ќе ни бидат противниците – од тоа по малку зависи и нашата програма за подготовки“ – вели Клинсман.

До извлекувањето, меѓутоа, треба да се пополнат уште 5-те преостанати од вкупно 32 места во завршницата.

Квалификации, плеј-оф: Шпанија и Чешка пред пласман на СП

Во првите плеј-оф дуели на второпласираните екипи од европската група на квалификациите Шпанија ја совлада Словачка со 5 спрема 1, Чешка на гостувањето ја победи Норвешка со 1 спрема 0, а Швајцарија си обезбеди предност од 2 спрема 0 за реваншот во Турција. Шпанците прикажаа извонредна игра и не е само стилска фигура, туку одраз на реалните настани, ако се рече дека можеа да победат и со двоцифрен резултат. Чешка е на најдобар пат по 16 години конечно повторно да учествува на СП, а на Турците – ако и дома играат како на гостувањето во Берн, не им се пишува добро. Уругвај, исто така во плеј-оф натпревар, ја победи Австралија со 1 спрема 0.

На викендот се одиграа повеќе пријателски фудбалски средби. Најдобар фудбал донесе дуелот на Аргентина и Англија, во кој Англичаните, по водството на Аргентина, собраа сили за пресврт и победа со 3 спрема 2. Полска во Барселона го совлада Еквадор, третопласиран од јужноамериканската зона на квалификациите, со 3 спрема 0. Обете екипи се учесници на СП догодина во Германија.

Рехагел останува селектор на Грција до 2007-ма година

Грција не успеа да се квалификува за СП, но фудбалскиот сојуз на таа земја го продолжи договорот со селекторот Ото Рехагел за наредни две години. Ова беше соопштено претпладнево во Атина. 67-годишниот германски тренер од 9-ти август 2001-ва година ја предводи репрезентацијата на Грција. Најголем успех, вистински триумф Рехагел постигна на Европското првенство со освојувањето на титулата по победата во финалето против домаќинот Португалија со 1 спрема 0.

Успех на Германија во квалификации за СП-фудбал за жени

Квалификациони средби се играа и за светското првенство во фудбал за жени. Успешната 2005-та година, во која станаа европски првенки, германските претставнички ја завршија со 17-та победа во 19-от настап, и тоа убедлива: 4 спрема 0 против Швајцарија. Тоа беше трета победа на Германките во три одиграни средби и тие водат во 4-тата квалификациона група со подобра гол-разлика од Русија, која исто така има 9 бодови. Брита Карлсон постигна два гола, Џонс и Вимберски по еден. „При стандардни ситуации вообичаено смеам да одам напред. Денеска бев нешто поагресивна, зашто сакав на 100-от настап во репрезентацијата да постигнам гол, и тоа ми успеа“ – се радува славеничката Штефи Џонс. Сојузниот тренер Силвија Најд е горда на својата екипа: „Првото полувреме беше вистински добро, во второто ни одеше малку потешко, па сепак морам да му искажам огромен комплимент на нашиот тим“.

Светски рекорд на Германките во брзо лизгање

На натпреварот од светскиот куп во брзо лизгање во Калгари првата германска селекција во состав Фризингер, Пехштајн и Аншиц го освои првото место подобрувајќи го истовремено и светскиот рекорд што го држеа Канаѓанките – и тоа за повеќе од шестипол секунди! Клаудија Пехштајн вака ја опиша трката: „Едноставно беше убаво како веднаш по стартот можевме директно да се здружиме, вистински да се лизгаме во чекор и да држиме ритам; секој даде речиси се’ од себе...тоа беше одлична трка“.