1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

На гости во „циганското маало“

Мала уличка во Рогендорф, во Келн. Негувани куќички со градини пред вратите, со задолжителните фигури на џуџиња среде зеленилото. Тука живеат 18 Синти-семејства. Ова е, како што луѓето го нарекуваат, „циганското маало“.

Сончево, топло саботно попладне. На улица играат мали групи деца, на тротоарот собрани мажи, а на крајот на редицата со куќи жените подготвуваат јадење. Во воздухот мириса на изгорено дрво.

Музичарот Маркус Рајнхарт овде живее од својата младост. Кога се планирала изградбата на населбата во овој келнски кварт на почетокот на 1970-тите, имало конлфикти со староседелците, раскажува тој: „Староседелците не не‘ сакаа овде.“ Еден од сопствениците на локалните кафеанчиња дури имал и плакат со натпис: „Забрането за цигани“. Плакатот морал да го отстрани. Со текот на годините, меѓутоа, состојбата се релаксирала.

Врата до врата со Гаџите

Денес тензиите се ограничени на „закачки“ околу секојдневни работи меѓу

Sinti in Köln Sekulo Steinberger

Секуло Штајнбергер

Синтите и нивните директни соседи - нециганите, односно Гаџите (така Ромите ги нарекуваат не-Ромите, н.з.). „Се жалат постојано на чад“, раскажува покрај огнот Секуло Штајнбергер, најстариот во маалото на Синтите. „Кога славиме малку подолго, веднаш доаѓа полиција. Тогаш нашите виолинисти свират со пригушен звук, што звучи многу романтично. Така ги заспиваме нашите соседи“, додава смешкајќи се шеретски.

Животот на заедницата се одвива на отворено, како што било отсекогаш. Напролет дел од семејствата кои немаат деца на училишна возраст заминуваат со приколки на патување. „Кога  ќе се појават првите сончеви зраци по зимата, не‘ чешаат нозете“, вели Јохан Феикс, кој пред неколку години поради љубов од Саарланд се преселил во Келн.

Јазикот како печат на идентитетот

Овде и младо и старо меѓусебно разговара на ромски, јазикот на предците. „Немаме своја азбука, се‘ се пренесува усно. Старците се наши книги, затоа ни се потребни“, раскажува Маркус Рајнхарт. За разлика од многу други фамилии Синти, двете Синти фамилии во Рогендорф зборуваат исто толку течно ромски, колку и германски. И како и други јазици, и ромскиот јазик е подложен на константни промени. „За многу работи користиме германски зборови. На пример, за војна немаме збор во нашиот јазик затоа што ние никогаш сме немале нација која сме морале да ја браниме“, вели Рајнхарт.

Sinti in Köln

Маркус Рајнхарт

Политички коректниот израз Синти и Роми на Рајнхарт не му се допаѓа: „Не сакаме да не‘ нарекуваат цигани, тоа е нормалниот германски поим за нас. Една работа е тоа што тој во Третиот Рајх бил користен во негативна смисла, но ’Синти и Роми‘ е едноставно погрешно. Што е со големиот број други племиња кои едноставно не се споменуваат?“ Маркус и неговите роднини себеси прво се третираат како келнјани: „Кога ФЦ Келн ќе загуби, тогаш половина населба овде плаче“, раскажува Маркус, а неговиот братучед Џони дополнува: „Ние сме келнски Синти.“

Покрај јазикот, за заедништвото на фамилијата од животна важност е задржувањето на културата. Само така на помладите може да им се пренесат секојдневните ритуали. „Младите гледаат како ние се почитуваме. Тоа е важен дел од циганското живеење. Ако живеам сам во социјална зграда, веќе нема да можам да го пренесувам ова заедничко знаење“, вели Рајнхарт.

Музиката поврзува

Младите и старите се поврзани и преку музиката. „Дел од нашиот идентитет е да бидеме секогаш во движење, да прифатиме нешто и потоа тоа да го пренесеме на друго место. Во тој смисол ние бевме први Европејци. Дедо ми Џанго Рајнхарт, на пример, свиреше евергрини, но на свој начин. Ние ја учиме музиката како што децата учат да зборуваат. Гледаме од старите и повторуваме се‘ додека не научиме“, нагласува Маркус.

Sinti in Köln Westside Sinti Music

Членовите на бендот Westside Sinti Music - Шпеко, Дисло и Самјо

На тоа мислење е и синот на Маркус - Дисло, и неговите пријатели Самјо и Шпеко од хип-хоп колективот Westside Sinti Music (WSM). Иако зборуваат перфектно германски, тие најчесто рапуваат на ромски „затоа што јазикот подобро одговара на хип-хоп битот“. Во нивните текстови зборуваат за секојдневни нешта како да се биде надвор, да се патува и да се има добра слога во населбата.

На Рајнскиот цигански фестивал што во 2012 година го организираше келнскиот Гаџо Јан Краутхојзер, на концерот на WSM дошле сите Синти од Рогендорф. „Нашата фамилија рече дека е кул“, вели Шпеко. Благодарение на фестивалот, на кој учествуваа пред се‘ не-Роми, културата на Синтите повторно има постојано место во келнската културна сцена.

Клишеата се тука за да се уриваат, а тоа јасно се забележува кај жителите на населбата. Релаксирано си подигруваат со имиџот кој го имаат кај остатокот од населението и не‘ пречекуваат со трпение, хумор и пријателство. Како Синти-музичар Маркус Рајнхарт постојано се наоѓа меѓу два екстрема - романтизирање и стигматизирање. Предрасудите не му пречат, вели тој. Треба да се биде само подготвен за менување на тие предрасуди.

Доцна е, Маркус Рајнхарт се поздравува со нас зашто има настап во центарот на градот. „Ако случајно ви го нема автомобилот, јавете ми се!“, вели на заминување намигнувајќи.