1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Бугарија и‘ претстојат екстремно тешки преговори за влада

На изборите во Бугарија најмногу гласови освои конзервативната партија ГЕРБ - 31,4%. Составувањето влада ќе оди тешко поради тоа што нема јасно мнозинство. Социјалистите освоија 27,4% гласови. Во Софија - протести.

Кога стигнаа првите бројки од галсањето, демонстрантите пред Националниот дворец на културата во Софија се разбеснија.

„Не сум симпатизер на ниту една партија. Сите се поткупливи. Ние не поддржуваме ниту една партија“, рече еден од собраните демонстранти, додавајќи: „Повторно се уништуваат соништата на Бугарите. Се надевавме на фер избори, на кои Бугарите ќе се изјаснат и навистина ќе направат избор. Тоа повторно не се случи.“

Малата маса луѓе во Софија скандираше „мафија, мафија“. Врз полицијата се фрлаа шипшиња, а дел од демонстрантите се обидоа да се прекачат преку безбедносната ограда. „Наместо нас да не‘ чуваат полицајците треба да ги извадат надвор оние што се внатре, оние што не‘ ограбија и повторно ги фалсификуваа нашите гласови. Сакаме внатре. Сакаме да ги изброиме нивните фалсификувани гласови. Сите што победија треба да излезат пред луѓето и да кажат дали изборите беа фер. Повторно се‘ фалсификуваа“, извикуваше друг демонстрант.

bulgarien sofia demos wahlen gerb

Демонстрации во Софија

Според прогнозите на повеќе институти за истражување на јавното мислење, поранешната владејачка партија ГЕРБ е победник на изборите. Томислав Дончев, поранешен министер задолжен за управување со европските пари, за намерите на својата ГЕРБ вели: „Подготвени сме да ја преземеме одговорноста за владата. Коалицирање не е препорачлива варијанта за нас. Тоа не би одговарало на желбата на избирачите и би ги подгреало сомневања за непринципиелност. Би прифатиле поддршка, без учество во коалиција, од други политички партии кои ги делат целите и обврските што ги имаме преземено.“

ГЕРБ очигледно сака да продолжи со курсот од претходните четири години. Таа во парламентот ја имаше поддршката на група конзервативни партии и националисти. Но социјалистите, втората сила на овие избори, не сакаат повторно да му ја препуштат повторно власта на Бојко Борисов и неговата партија. Тие обвинуваат за фалсификат на изборите. Вечерта пред изборите (11.05) полицијата заплени 350.000 фалсификувани изборни ливчиња. Сопственикот на печатницата е партиски пријател на екс-премиерот Борисов.

Wahlen in Bulgarien

Запленети беа 350.000 фалсификувани ливчиња

Маја Манолова, член на раководството на социјалистите, изјави: „Се чувствуваме како морални и политички победници на овие избори. Ние игравме фер и резултатот е добар. Нема да составуваме коалиција. Ќе предложиме експертска влада, во која ќе седат експерти со јасни цели и кои ќе полагаат одговорност пред парламентот, а не пред некој партиски орган. Јасно е дека ГЕРБ, сеедно дали е прва или втора политичка сила, не може да состави влада со својот мандат. Значи, ние сме на потег.“

Цензусот од 4 проценти, инаку, го минаа и партијата на Турците и националистичката партија АТАКА. Со оглед на тоа што ниту една партија не освои апсолутно мнозинство, се заканува екстремно тешко составување влада. Одзивот на избирачите беше околу 50%. Изборите ги следеа 275 меѓународни набљудувачи.