1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

На Бугарите им е преку глава од корумпираните политичари

Во мочуриштето на корупцијата и бесперспективноста, Бугарите не гледаат острови на надеж. Илјадници луѓе веќе три месеца маршираат на улиците на Софија, барајќи нов профил на политичари, кои не се покорни пред олигарсите

Корупција и непотизам на секој чекор. На Бугарите им е преку глава од тоа. Мнозинството луѓе чувствуваат дека нивните народни избраници воопшто не ги застапуваат нивните интереси. Повеќе од 80 дена илјадници луѓе маршираат на улиците на Софија и бараат распуштање на парламентот.

Софија, 8 часот изутрина. Од пред повеќе од 80 дена луѓето демонстрираат против корумпираната политичка гарда во земјата. Бараат распуштање на парламентот и нови избори. Меѓу нив има многу млади, со добра заработувачка, како на пример компјутерски стручњаци. Тие сметаат дека олигарсите ја поткопуваат државата.

„Сѐ додека олигарсите ги остваруваат своите интереси во земјата, ништо нема да се случи. Демонстрираме, оти во спротивно немаме никаква шанса, сѐ додека имаме влада која работи само за интересите на олигарсите. Се бориме за целата земја, за нешто темелно да се промени“, вели Станислав Бурсаков, компјутерски стручњак

„Кога мафијата си има сопствена земја, за Вас или за мене е невозможно да водиме свој бизнис“, се надоврзува Љубена Никова, специјалист по информатичка технологија.

Протестите се ограничени на центарот на Софија. Од нив не може ништо да се почувствува овде, во овој индустриски реон. Претприемачот Живко Жељасков има други грижи. Градежниот сектор со месеци е во криза и тој добива сѐ помалку нарачки. Според него, протестите само ја влошуваат бизнис климата.

„Ги следам протестите, но сметам дека треба да ја остават владата на мира да си ја врши работата. Тоа би било подобро“, вели Жељасков.

Неговото претпријатие заварува мали и големи челични носачи за градежната индустрија. Многу вработени кај него работат повремено, односно во денови кога има работа. Добиваат околу 20 евра на ден. Посебно во зима, раскажуваат тие, нивната плата не е доволна само да се плати струјата и јадењето. Многумина затоа го поддржуваат протестот пред парламентот.

„Корупцијата се чувствува насекаде. И речиси нема никаква перспектива. Работата е слабо платена, а работните услови се мизерни. Од пред околу 4 години сѐ оди наназад, нема работа“, вели работникот Борис Стоев.

Протестите започнаа зашто пролетта требаше да поскапи цената на струјата. Тоа ја прелеа чашата. Но, веќе одамна на протестите не станува збор само за цената на струјата. Можеби пред парламентот демонстрира само мала група, но таа може да биде сигурна дека го отсликува расположението на широките слоеви на населението. Многумина Бугари се убедени дека богатите олигарси и покорните политичари со години наназад ја парализираат земјата.