1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Блискиот исток ништо ново

Средбата меѓу палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот премиер Ехуд Олмерт не донесе многу. Освен ветувањето дека ќе бидат ослободени одреден број палестински затвореници, нема ништо друго конкретно.

default

Средбата Олмерт - Абас без конкретни резултати

Сликите потсетуваа на семејна средба. Двајцата политичари се грижеа да владее пријата атмосфера иако пред нив на дневниот ред лежеше море проблеми. На крајот можеа само делумно да здивнат, како што изјави портпаролот на израелската влада Регев:

„Како мерка која треба да придонесе за градење доверба, како гест на добра волја, се согласивме со молбата на палестинскиот претседател Махмуд Абас да ги ослободиме палестинските затвореници до крајот на месецот, значи до крајот на август.“

На потпрашањето за колку затвореници станува збор, Регев не регаираше. Тој стоеше со стиснати усни пред камерите. Според наводите на израелските организации за заштита на човековите права во израелските затвори во моментов има околу 8 500 Палестинци. Дел од нив се долго во притвор без да се води судска постапка.Не се очекуа дека до крајот на август ќе биде ослободен и Марван Баргути, водачот на Фатах во Западниот брег, кого Израел го осуди а кој се наоѓа на врвот на листата на лицата за кои палестинскиот претседател Махмуд Абас бара ослободување. Дали и кога ќе биде ослободен, ќе биде познато наредните денови.

Другите теми не се допрени

Напредоци во другите области на вчерашните преговори нема. Портпаролот на израелската влада Регев не кажа ништо за стопирање на изградбата нови еврејски населби на палестинска територија, што го бара меѓународната заедница. Нема ниту прекин на блокадите на Западниот брег, што е барање на Блискоисточниот мировен квартет. Затоа Регев претпазливо ја опиша средбата меѓу Абас и Олмерт:

„Разговаравме за напредоците кај работните групи, особено за средбата минатите недели меѓу Израелците, Американците и Палестинците. Обврзани сме на напредоци, обврзани на функционирање на процесот од Анаполис. Сметам дека средбите ќе продолжат.“

А тоа значи дека ќе биде како и досега. И тоа спаѓа во семејната слика. Семејство кое се собира само кога нема друга алтернатива. Палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот премиер Ехуд Олмерт фактички немаат веќе моќ. Олмерт најави повлекување од функцијата. Абас не може да се справи со конкурентскиот Хамас во појасот на Газа. И двете страни се под огромен притисок од Вашингтон, значи од страна на американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс. Таа очигледно сака пред ОН за еден месец да презентира некакви резултати. Но никој во моментов не знае како тие ќе изгледаат.