1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

На БиХ и‘ е потребна нова идеја

На Босна и Херцеговина, две децении по крајот на војната, и‘ е потребна ЕУ-перспектива повеќе од кога и да е досега. Но само тоа не е доволно, оценува весникот „Ди пресе“ во денешната (17.02) анализа.

Во текстот во австриски „Ди пресе“ на тема Босна и Херцеговина и нејзината иднина, авторот Виланд Шнајдер, меѓу другото, оценува:

„На БиХ и‘ е неопходно повеќе од ЕУ-перспектива. Потребна и‘ е нова идеја. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ги користи актуелните социјални протести за повторно да бара поделба на земјата. Но поделбата нема да ги реши проблемите како корупција и сива економија, кои се големи и во Република Српска. Таа само ќе ги постави клептократските структури на ново државно-правно ниво... САД, ЕУ и другите меѓународни актери мора да се потсетат дека некогаш презедоа одговорност за земјата. Идеи би можела да даде и Виена - министерот за надворешни работи Курц најави дека има намера да се стави ново тежиште врз ЈИЕ. Надворешните играчи меѓутоа можат само да асистираат. За решение согласност мора да постигнат луѓето во Босна и Херцеговина, колку и да е тоа тешко. Со нерешени внатрешни проблеми, патот кон ЕУ останува затворен“, оценува „Ди пресе“.

Bosnien-Herzegowina Proteste

Протестите досега немаа етнички карактер

За ситуацијата во БиХ, швајцарски „Ноје цирхер цајтунг“, пак, констатира:

„Босна и Херцеговина на Западот со години му е оптоварување. Замор, беспомошност или едноставно неинтересирање - тоа се белезите на расположението во европските метрополи кога станува збор за многуте нерешени проблеми на повеќенационалната држава. Речиси никој од меѓународните политичари не доаѓа во Сараево и речиси ниту еден државник не може да се мотивира за посредништво во една земја, која се чини е вкочанета во студен мир. И тоа на странските политичари не може да им се земе за зло. Премногу обиди за воспоставување мост меѓу спротивставените страни по крајот на војната во БиХ во 1995 година завршија без успех. Земјата му се препушта на нејзиниот институтционален хаос, дотолку повеќе што и онака ангажман на Балканот не носи поени кај домашните избирачи.“

Констатирајќи дека Босна не претставува помал проблем од Косово, весникот оценува дека постојат обиди од страна на политичарите на власт во БиХ на социјалните немири во земјата да им се залепи етнички печат. „Босанските политичари имаат особина секоја форма на јавна критика рефлексно да ја вртат во националистички шини. За тоа вината лежи и во Дејтонскиот договор, постигнат со посредство на САД и учество на ЕУ. Во Дејтон е институционализирано и зацврстено етничкото сепарирање. Тоа за политичката елита во Босна е удобно. Таа за трајната криза може постојано вината да ја префрла на однадвор октроираното уредување. Тоа што населението веќе не сака да го прифати ваквиот изговор, буди надеж“, се вели во текстот на Томас Фустер во „Ноје цирхер цајтунг“.