1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Најхраброто девојче на светот“ ја прими наградата „Сахаров“

На 16-годишната пакистанска активистка за правата на децата Малала Јусафзаи денеска (20.11) во Стразбур и‘ беше врачена годинешната награда на Европскиот парламент за слобода на мислењето „Сахаров“.

Малала е симбол за отпорот против фанатизмот, порача при врачувањето на наградата претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц: „ Вие длабоко не‘ трогнавте со вашата идеја и вашата мудрост. Наградата е повик до сите да се борат токму за правото за образование на девојчињата, зашто образованието не е привилегија, туку фундаментално право“ , порача Шулц.

Malala Europaparlament Sacharow Preis 2013 mit Martin Schulz

Малала Јусафзаи со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц

Малала Јусафзаи во нејзиниот говор по примањето на наградата истакна дека таа ја охрабрува и натаму да се залага за своите замисли. Таа изрази надеж дека Европскиот парламент и во иднина ќе го насочува погледот кон земјите надвор од ЕУ, во кои децата немаат пристап до образование. И покрај тероризмот, насилството и конфликтите, сѐ уште има надеж во овие земји и меѓу децата кои живеат таму.

Малала Јусуфзаи имаше само 12 години кога направи нешто што во Пакистан се смета за авантура опасна по живот. За британскиот медиумски сервис Би-Би-Си започна да пишува блог за својот живот во земјата на радикални исламисти, кои ја контролираа границата кон Авганистан. Пишуваше за злосторствата, посебно за тоа како талибанците ги палат училиштата за девојчиња, јавно камшикуваат жени кои не се однесувале доволно „исламски“.

Трн в око на талибанците

Девојчето бргу стана симбол на отпорот во Пакистан и трн в око на талибанците. Затоа, на 9 октомври минатата година, вооружени исламисти упаднале во училишниот автобус во кој се наоѓала и Малала. Само со чудо и со брза интервенција на лекарите го преживеа истрелот во глава. Операцијата беше извршена во Пакистан, а лекувањето продолжи во Бирмингем, во Велика Британија.

По заздравувањето, младата блогерка стана уште порешителна. На својот 16-ти роденден, на 12 јули годинава, таа се обрати пред Генералното собрание на ОН. Говореше за животниот сон - да се врати во Пакистан како политичарка и да се бори за правото на обрзование на жените. „Нападот не промени ништо во мојот живот освен едно нешто - слабоста, стравот и безнадежноста умреа. Наместо нив се родија волја, сила и храброст“, порача Малала.

„Најхраброто девојче на светот“, како што често ја нарекуваат медиумите, беше номинирана и за годинешната Нобелова награда за мир, која на крајот-многумина велат политички мотивирано- и‘ беше доделена на Организацијата за забрана на хемиско оружје. Малала Јусафзаи сепак е годинешен лауреат на значајното признание на ЕП. Наградата „Сахаров“, која се доделува веќе 25 години, е дотирана со 50 илјади евра.