1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Најтрнлив на Балканот-грчко-македонскиот спор

Блокадите кон процесот на приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ беа една од најголемите грижи за шведското претседателство, кое завршува за една седмица, изјави министерот за надворешни работи Карл Билт.

default

Карл Билт

Министерот за надворешни работи на Шведска, Карл Билт вчера на прес конференција во Брисел оцени дека неговата земја како претседавач стори многу за да се олесни оваа ситуација.

Имено, токму под ова претседателство, Европската комисија во својот годишен стратешки документ за проширувањето овој пат јасно и гласно истакна дека билатералните спорови не смеат да бидат пречка за европската интеграција.

Загреб беше блокиран од Љубљана, Белград од Хаг, а Скопје од Атина. На крајот на шведското претседателство, повеќето блокади се отстранети, а останатите земји од регионот направија чекор напред кон ЕУ.

Шведска може да се пофали со деблокиран процес за Хрватска, стапување на сила на привремената спогодба со Србија, црногорска апликација за членство и напредок во Албанија. Секако голем успех за ЕУ е и визната либерализација.

Најтрнлив, освен босанското досие, на Балканот останува грчко-македонскиот спор.

Решението за името не се очекува во блиска иднина

Иако несомнено е постигнат прогрес во комуникацијата помеѓу двете држави, откако премиерите Груевски и Папандреу остварија директни средби, решение за спорот со името не се очекува во блиска иднина, велат дипломатите.

Билт сепак одлучи да остане оптимист, а како доказ за неговиот позитивен пристап, тој вчера се пошегува со името на Македонија:

„За Фајромија или како и да беше, ситуацијата беше тешка, во смисол дека знаевме дека за време на шведското претседателство во Грција ќе се одржат избори. Тие се случија порано отоколку што некои очекуваа. Јас реков дека по промената во Атина има нова прилика и се‘ уште сум разумно надежен дека таа прилика ќе се искористи. Имавме неколку контакти и со Атина и со Скопје и со нивните премиери. Можам само да ги повикам двајцата премиери да го решат проблемот. Овој процес е под медијаторство на ОН, а не на ЕУ. “

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Македонија на 14-ти октомври годинава доби препорака од Европската комисија за почеток на претпристапните преговори со ЕУ.

Оваа препорака не можеше да стапи на сила поради нерешениот спор со Грција. Министрите за надворешни работи на осми декември во Брисел одлучија дека прашањето треба повторно да се дискутира на министерско ниво во текот на шпанското претседателство, кое ќе трае шест месеци, почнувајќи од први јануари 2010-та.

Оптимизам се‘ уште постои во Брисел дека двете страни можат да постигнат компромис, но овој оптимизам е многу поумерен одошто беше пред двете директни средби Атина-Скопје.

Во претстојните месеци ќе биде од голема важност двете инволвирани страни да покажат волја за надминување на проблемот. Европа и натаму функциониара според правилото “помогнете ни да ви помогнеме“.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска