1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Најтесната куќа во светот

Дури и во празнина меѓу две згради која на најширокиот дел е широка 1,22 метри а на најтесниот само 72 сантиметри има место за живеење. Тоа го докажува полскиот архитект Јакуб Шчесни со неговата „Куќа Керет“ во Варшава.

Полскиот архитект Јакуб Шчесни посетува еден од своите проекти. Пред 4 години, шетајќи низ Варшава, го открил овој тесен простор помеѓу зградите. Претесен е за низ него да минуваат автомобили, но е доволно широк во него да се изгради куќа, помислил Јакуб. Така во 2012.. беше создадена најтесната куќа во светот. Нејзината максимална ширина е еден метар и 22 сантиметра.

„За мене тоа беше најголем предизвик досега. Никогаш не сум градел нешто толку тесно.“, вели архитектот Јакуб Шчесни
На задната страна, каде што е влезната врата, куќата е широка само 72 сантиметра. И покрај тоа, таа има се' што е потребно за живеење.

Во овој простор од вкупно 14 и пол квадратни метри се всели израелскиот писател Етгар Керет. Куќата се наоѓа во населбата Вола, која се простира на местото на некогашното Варшавско гето. Мајката на Керет како дете ја прошверцувале од гетото и така избегнала смрт.
„Пред да дојдам овде се плашев дека ќе биде клаустрофобично и мрачно и дека ќе се чувствувам како сардина во козерва. Но, морам да кажам дека се чувствувам комотно. Тој така го дизајнира, што внатре има многу светлина.“, раскажува Етгар.

Според критериумите на полските власти, ваков мал објект не се смета за куќа, туку за уметничка инсталација.

„За идејата прв пат слушнав кога ми се јави Јакуб и се обиде по телефон да ми ја објасни неговата идеја за екстремно тесната куќа во Полска. Зборуваше англиски со силен полски нагласок. Сето ми личеше како шега од некој мој пријател кој сака да ме насамари.“ , вели израелскиот писател Керет
Јакуб Шчесни е член на варшавската група архитекти „Централа“, познати по експериментални објекти. Нацртот за „Керет хаус“ го направи брзо. Следеше маратонска борба со бирократијата за да се разјаснат прашањата за сопственоста, градежните прописи и финансирањето. За да ја оствари идејата, Јакуб морал некако да собере 70.000 евра.
Челичната конструкција била направена на паркинг на периферијата од Варшава.

„Од градот Варшава добивме само третина од потребната сума. Значи, требаше да почнеме со градење без да ја имаме целата сума. Тие пари ни беа доволни за челичната конструкција. За преостанатиот дел моравме некако да се снајдеме.“, раскажува архитектот Шчесни

Помогнаа приватни спонзори. Куќата и’ припаѓа на една полска уметничка фондација. Вградувањето на челичната конструкција бараше прецизна работа.

„Керет-хаус“ заинтересира многумина во светот.

Пополнувањето такви простори е негова задача и за во иднина, смета 36-годишниот Јакуб Шчесни. „Керет хаус“ е само почеток.

Етгар Керет ќе биде час во Варшава, час во Тел Авив. Кога не ќе е овде, тесната куќа ќе ја користат други уметници од цел свет, веи Керет: „Не можам да си замислам да живеам овде, но можам да си ја замислам куќата како студио за работа, да проведам овде неколку часови во пишување и размислување.“