1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Најскапата слика во 2009 - 35 милиони евра

2009 не беше добра година за пазарот на уметност. Единствено аукциските куќи не минаа толку лошо. Класичната уметност и натаму е сигурен капитал. Кои беа највисоките цени постигнати на аукциите на уметнички дела во 2009?

default

Сликата на Матис „Жолти петопрсти“ продадена по највисока цена во минатата година

Тоа што во мај минатата година во аукциската куќа Кристи во Њујорк сликата од Пикасо „Мускетар со луле“ за 13 милиони долари го промени сопственикот, беше директна последица на финансиската криза. Продавачот, имено, беше жртва на берзанскиот измамник Бернард Мадоф. Тој загуби 150 милиони долари и аукцијата беше продажба од нужда. Такви можности за купувачите на уметност во 2009, сепак беа исклучок. Ако се изземе аукцијата на наследството на модниот креатор Ив Сен Лорен, минатата година беше сиромашна со спектакуларни продажби. Причината ја знае Уте Тон експерт за пазарот на уметност во списанието за култура „Арт“ од Хамбург:

„Во моментов во сите сегменти се нудат помалку уметнички дела. Тоа се должи на фактот дека луѓето кои сакаат да постигнат високи цени на пазарот на уметност, сметаа дека не е поволно време за тоа. Тоа значи дека ако не мора безусловно да се продава, тогаш порадо би се сочекало додека ситуацијата на пазарот не биде подобра.“

Матис на првото место

Двете најскапо продадени слики на аукциите минатата година беа и вистински класици. На прво место е сликата „ Жолти петопрсти“ на Анри Матис која го промени сопственикот за околу 35 милиони евра, што е адекватна цена, смета Уте Тон:

„Тоа е врвно дело, кое има и добро потекло и беше дел од аукцијата на наследството на Ив Сен Лорен, што е уште едно добро име. Тоа, исто така, ја крена цената“

Второто место го зазема еден цртеж на ренесансниот уметник Рафаел со цена од 32 милиони евра:

„Тоа е стар мајстор и цртежите на Рафаел како никогаш досега одат добро на пазарот. За еден аутсајдер би можело да биде целосно апсурдно за еден цртеж на хартија со димензии 30 на 20 сантиметри да се даваат 40 милиони евра. Но, овие цртежи се толку ретки, повеќето се во музеи и тоа е апсолутно сигурен капитал.“

Flash-Galerie Berühmte Künstler

Енди Ворхол- најпознатиот и веројатно најскапиот современ уметник

На уметноста и‘ оди добро

Тоа што третото место со постигната аукциска цена од 29 милиони евра го зазема токму еден отпечаток на свила од 60-те години , во прва рака би можело навистина да зачудува. Меѓутоа, станува збор за Енди Ворхол - икона на модерната уметност, со чии дела очигледно богатите луѓе сакаат да ги украсуваат своите ѕидови:

„Ворхол едноставно е најпознатиот современ уметник и оној што ќе си купи ’еден Ворхол’ сака да има слика која веднаш се препознава дека е од Ворхол. А се знае дека Ворхол е скап. Прашањето дали оваа цена е оправдана и натаму го дели уметничкиот свет.“

Севкупно, не само за финансискиот свет, туку и за пазарот на уметност, беше црна година:

„Тоа со сигурност беше кризна година, што едноставно може да се види по прометот на меѓународниот пазар на уметност“, вели Уте Тон.

Меѓутоа за неа е важно пазарот за уметност во никој случај да не се помеша со уметноста:

„Ако ме прашате: Што е со уметноста? На уметноста и“ оди добро!“

Автор: Дирк Шнајдер / Симе Недевски

Редактор: Елзиабета Милошевска Фиданоска