1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најсиромашната членка на ЕУ-пред смена на власта

На денешните (05.07.2009) парламентарни избори во Бугарија најголеми шанси има конзервативната партија „Граѓани за европски развој на Бугарија“. Главна изборна тема беа корупцијата и организираниот криминал.

default

Денеска граѓаните на Бугарија излегуваат на избори - по шести пат од паѓањето на комунизмот во 1989 година. Главни теми на изборната битка беа борбата против корупцијата и организираниот криминал, последиците од светската финансиска и економска криза за Бугарија и содавањето општество со социјална правда.

Парламентот на Бугарија брои 240 места. Многумина велат дека се тоа премногу за толку мала земја, а згора на тоа уште и прескапи за најсиромашната членка на ЕУ. Но, тој број на пратеници е пропишан со уставот од 1991 година и досега малкуте обиди да се смени таквата состојба беа осудени на пропаст - затоа што такво нешто никому не му одговара, особено не на оние кои спаѓаат во политичката елита на земјата.

Фаворит е партијата на Борисов

Фаворит на парламентарните избори е конзервативната партија на градоначалникот на главниот град Софија, Бојко Борисов. Партијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ излезе како убедлив победник од изборите за Европскиот парламент во јуни. Успехот се должи пред се’ на главната фигура на партијата и нејзин шеф Бојко Борисов. Според некои тоа може да има врска со фактот што Борисов беше телохранител на долгогодишниот шеф на партијата и државата Тодор Живков, а подоцна и на вратениот цар Симеон Втори. Други пак тврдат дека тоа се должи повеќе на неговиот углед како политичар, кој не се плаши да се зафати со најтешките проблеми. Така тој неодамна најави дека има намера бескомпромисно да се пресмета со корупцијата во Бугарија. Прашање е секако дали тој такво нешто може да спроведе и тоа во земја, каде олигарсите имаат контрола над пратеници во парламентот, над државната управа и судовите?

Europawahl 2009 Bulgarien

Врски меѓу политиката и криминалот

Многумина од бугарските граѓани се уверени дека интересите на политиката и криминалните структури се тесно испреплетени. Тие се уверени дека политичарите ги толерираат разбојниците, наместо да се борат против нив. Тоа не го негира ниту Ѓорѓи Николов, претседател на подмладокот на бугарската социјалистичка партија.

„Политиката во Бугарија е инсценирана и авторитарна. Луѓето влегуваат во политиката за да се збогатат. Не постојат јасни приоритети, туку се’ е без контури.“

Таквата состојба е и главната причина за презаситеноста на бугарските избирачи од политиката, смета Ѓорѓи Близначки, доцент за уставно право и припадник на тимот домашни набљудувачи на изборите.

„Меѓу луѓето постои големо незадоволство, цели општествени групи се чувствуваат како аутсајдери и не гледаат перспектива. Затоа е толкав и бројот на луѓе кои ја напуштаат земјата и си ја бараат среќата во странство.“

Масовно иселување

Статистиките велат дека околу еден милион Бугари ја напуштиле татковината од паѓањето на комунизмот пред 20 години. Најголемиот дел од нив се пресели во Турција, САД, Велика Британија, Шпанија и во Германија. За нивните интереси се бори партијата „Поинаква Бугарија“ која критикува дека за Бугарите од дијаспората има премалку изборни единици, така што нема да можат сите да го остварат изборното право.

Институтот за истражување на јавното мислење Барометар-инфо објави податоци според кои на прво место се котира партијата на Бојко Борисов со 27%. На второ место е „Коалицијата за Бугарија“, што ја предводат владеачките социјалисти со 18,5%. Третото место и’ припаѓа на партијата на турското малцинство „Движење за права и слободи“. А шанси да ја минат пречката од 4 проценти имаат уште националистичкиот блок „Атака“ и партијата на поранешниот цар „Национално движење за стабилност и полет“. Кој од нив и да победи, граѓаните очекуваат зголемување на платите, подобар животен стандард, поефикасно стопанство и зголемување на пензиите и социјалната помош - покажуваат резултатите од студијата на ББСС-Галуп.


Автор: Емил Лилов/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM