1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најмоќните во светот на самит во Довил

Во француското одморалиште Довил денеска започнува дводневниот самит на шефовите на држави и влади на Г8. Три клучни теми се: катастрофата во Јапонија, шефот на ММФ и „арапската пролет“.

Домаќинот на средбата, францускиот претседател Никола Саркози

Домаќинот на средбата, францускиот претседател Никола Саркози

На овој самит на Г8 противниците немаат никаква шанса. 12.000 полицајци го претворија одморалиштето Довил во тврдина. Преголема безбедност за самит на кој домаќинот, францускиот претседател Никола Саркози требаше со своите колеги да разговара за иднината на интернетот. Меѓутоа по земјотресот, цунамито и нуклеарната катастрофа во Јапонија, во центарот на вниманието сега се наоѓа јапонскиот премиер Наото Кан.

„Би сакал да ја истакнам мојата одлучност, дека Јапонија ќе излезе посилна од тројната криза. Тоа би сакал јасно да му го кажам на светот и на колегите од Г8“, изјави премиерот Кан.

Францускиот претседател Саркози најави дека на самитот прво ќе му даде збор на јапонскиот премиер:

Јапонскиот премиер, Наото Кан

Јапонскиот премиер, Наото Кан

„Мораме да ја прекинеме оваа неодржлива ситуација, што нема меѓународни норми за безбедноста на нуклеарната енергија“. Атомските централи би требало да бидат побезбедни, меѓутоа за исклучување не станува збор. Со нејзините планови за откажување од атомската енергија, германската канцеларка Ангела Меркел ќе биде прилично осамена во кругот на колегите.

Кој ќе дојде на чело на ММФ?

По прашањето за персоналното решение за нов шеф на ММФ, ситуацијата е поинаква, поддршка постои од Меркел и останатите земји од Г8 за француската министерка за економија Кристин Лагард. Германската канцеларка притоа го отфрла барањето на земјите во развој новиот шеф на ММФ да го дадат тие.

„Во актуелната ситуација во која има значителни проблеми со еврото, и во просецот во голема мерка е вклучен и ММФ, повеќе работи говорат за тоа дека е можно да се постави европски кандидат.“

Во овој контекст поволно е што на самитот присуствуваат земји чии придонеси сочинуваат речиси 50 проценти од капиталот на ММФ и со тоа ги имаат речиси 50 проценти на правата за гласање. Што се однесува до трговијата и бруто националните приходи, државите од Г8 покриваат две третини од светското стопанство.

Канцеларката Ангела Меркел

Канцеларката Ангела Меркел

Големи очекувања од Г8

Не е ни чудо, што земјите во пресврт во Северна Африка се надеваат на поддршка од клубот на богатите за нивниот нов почеток. Американскиот претседател Барак Обама не е единствениот кој постојано нагласува дека со пресвртот во земјите од Северна Африка светот стои пред нова историска шанса.

По децении, во кои тој регион на светот го прифативме таков каков што е, имаме шанса да работиме во насока на свет каков што треба да биде, смета претседателот Обама. Францускиот претседател Никола Саркози меѓутоа нема да отвори ќесе за собирање пари. Наместо тоа шефовите на држави и влади ќе разоговараат за тоа како да му се помогне на стопанството во Тунис или Египет. Според девизата на Барак Обама: на овие земји не им е потребна само помош, туку и трговија, и не само поддршка, туку и инвестиции.

Автор: Андреас Ројтер / Александра Трајковска

Редактор: Горан Чутаноски