1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Најмоќните во светот на една маса

По две години од првиот светски економски самит на Г 20 во Вашингтон, по петти пат се среќаваат шефовите на највлијателните земји. Во јужнокорејскиот град Сеул, на 11 и 12 ноември, тие ќе разговараат за постигнатото.

default

Јужнокорејскиот град Сеул е домаќин на петтиот Самит на Г 20

Самитот на групата Г 20 е моќен форум. Тоа се две третини од светската популација, 90 проценти од глобалниот економски потенцијал и четири петтини од светската трговија - сето тоа е Г 20. Тоа е заедница за справување со кризи, која започна да работи во 1999 година, тогаш составена од министрите за финансии, како реакција на тогашната финансиска криза во Азија, Бразил и Русија. Во 2008 година дојде до колапс на Леман, кој предизвика светска финансиска криза. Г 20 станаа кризен штаб, а тоа е секако работа на шефовите.

Неопходна е соработка

Dominique Strauss-Kahn / IWF / Washington

Шефот на ММФ, Доминик Штрос-Кан

Пред две години во Вашингтон беше усвоена цела низа мерки. Сите беа согласни дека таква криза не смее да се повтори. За да се спаси светот беше потребно да нема национален егоизам. Но, по две години, се чини дека веќе нема соработка, стравува Доминик Штрос-Кан, шеф на Меѓународниот монетарен фонд:

„Сметам дека едно од главните обележја на оваа криза е сознанието дека е неопходна соработка. Тоа е нов квалитет на економската соработка на глобално ниво, кој досега го немаше. За тоа имаше силна волја во Лондон, Питсбург и Торонто. Но, исто така ќе кажам дека тоа не исчезна, но станува се‘ послабо. Тоа е реална закана. Секој треба да знае дека во услови на глобална криза нема национални решенија. Во глобалниот свет никој не може сам да си помогне.“

Меѓународен данок на финансискиот пазар

Angela Merkel Akten

Германската канцеларка Ангела Меркел

Тоа го знаат сите засегнати, оти секој на крај мора да се бори со националните навики, ако треба да се усвои реформа на финансискиот пазар во сопствениот парламент. Поради тоа германската канцеларка Ангела Меркел не е задоволна со постигнатото:

„За учеството на финансискиот сектор во трошоците за кризата, сојузната влада имаше поголеми очекувања.“

Германија за своите банки воведе давачки. Но, Г 20 не можеа да се договорат за меѓународен данок на финансискиот пазар. На самитот во Сеул, Европа треба да предочи дека надзорот на финансискиот пазар значително ќе се подобри. Во одредени случаи може да се забранат ризични финансиски производи. Ќе има построга контрола за хеџ-фондовите и рејтинг-агенциите. Сепак, шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо за самитот во Сеул вели:

„Самитот се одржува во критичен период. Прашање е дали Г 20 може да ја усвои координацијата, која е потребна за светската економија. Ние мора и натаму да тргуваме заедно и кооперативно. Тоа значи да го прифатиме фактот дека нерамнотежата во светот не‘ засега сите, и дека сите големи економии мора да придонесат да се најде решение.“

Нерамнотежата предизвикува криза

Dossier Teil 3 IWF warnt vor Währungskrieg

Постои опасност од „светска војна на валутите“

Г 20 не се согласни околу прашањето за протекционизам. Секоја земја најнапред мисли како да ја зајакне сопствената економија. Тоа предизвикува нерамнотежа, која е плодна почва за наредна криза. Во трговските биланси на земјите, т.е односот помеѓу извозот и увозот, има голем потенцијал за конфликти. Така канцеларката Меркел го отвора прашањето:

„Како можеме заедно да придонесеме за долгорочен, стабилен и пропорционален пораст?“

Одговорот на ова прашање таа им го препушта на силите на пазарот, оти таквите биланси најпосле се израз на конкурентноста на народните економии. Со тоа е поврзано и прашањето за промената на курсот, некои зборуваат за „светска војна на валутите“. Притоа, се преземаат вештачки мерки за зајакнување на сопствената валута. На тој начин, земјите како Кина и САД сакаат да бидат во предност во трговијата. Од друга страна се Јужна Кореја, Јапонија и Бразил, што е почеток на еден опасен натпревар.


Проблем се манипулациите со курсот

Г 20 во Сеул нема да го решат проблемот, но канцеларката Меркел барем дава точни проценки:

„Убедена сум дека курсевите на валутите среднорочно се одраз на фундаментите на една економија. Мора да се избегне политика на зголемување на конкурентноста преку манипулирање со курсот.“

За Франција, која го презема претседателството со Г 20 од Јужна Кореја, најголем приоритет ќе има прашањето за промената на курсот. Најважно за самитот во Сеул пред се‘ е Г 20 да докажат дека се‘ уште се движат во ист правец, и покрај тоа што кризата беше таа што ги примора да седнат на иста маса.

Автор: Хенрик Беме / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска