1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Најмногу е потребна демистификација

Интервју со Митрополитот на Американско-канадската епархија на Македонската православна црква, владиката Методиј.

default

Владико Методиј со какви проблеми се соочува Американско - канадската епархија со која Вие раководите?

Се работи, всушност, за еден процес на комплетирање на сите атрибути на животот на Американско-канадската епархија, бидејќи се‘ до скоро, до моето доаѓање таму, тој административен апарат бил на некое пасивно ниво. Јас се обидувам да ги активирам сите аспекти на животот на епархијата како сврзливо ткиво на црковните општини, се обидувам на луѓето таму да им ја објаснам потребата од тоа црковните општини да се отворат една кон друга, а потоа и за религиозниот свет во Америка. Зашто, само преку таа комуникација можеме и да го осовремениме нашиот живот како Македонска православна црква на северно- американскиот континент и да ги исползуваме сите придобивки кои секуларните општества на Канада и Америка ги нудат на религиозните заедници за остварување на нивната секојдневна мисија.

Се соочувате ли со проблеми од типот на оние со кои се соочуваат македонските верници во Австралија и Нов Зеланд, мислам на оние имотно правни несогласувања и спорови во врска со припадноста?

Фала му на Бога, такво нешто нема. Заради тоа што во Америка работите не се решавани на таков начин преку судови, тоа не значи дека нема судски спорови, но тоа се спорови во рамките на самите црковни општини и се однесуваат на некои внатрешни проблеми. Решавањето на имотно-правните односи не било ставено на дневен ред затоа што црквите природно се организирале и како такви влегувале во рамките на Канадско- американската епархија. Со постепено организирање на црковните општини и со интеракција јас се надевам дека нема да дојдеме до тој степен - припадноста на имотите да се докажува на суд, особено што и работата на здравиот патриотизам и здравата вера е исклучително важна за луѓето да сфатат дека сето тоа што го поседува епархијата, како црковни општини и како имот, е имот на црквата односно имот на народот и луѓето тоа го прават за себе и за спасение на сопствените души.

Колку е здрава верата во Вашата епархија и колку таа овозможила јакнење на чувството на патриотизам на македонските верници кои живеат таму?

Мислам дека од аспект на релацијата вера – патриотизам работите стојат многу добро. Меѓутоа, тоа не значи дека е посветено доволно внимание и од страна на пастирството на развивањето на аскетскиот живот на луѓето. Тоа значи развивање на навиката за пост, за молитва, за исповед. Јас се обидувам моите лични искуства, како човек кој што живееше во манастир пред заминување на оваа мисија како архипастир на Американско-канадската епархија, да ги употребам токму на тоа поле. Да поработам со свештениците коишто потоа, во својата локална средина, меѓу верниците, треба да го пренесат тој аскетски дух на православието, особено што знеме дека Америка е земја со потрошувачка идеологија. Луѓето се навикнати да внимаваат на своите материјални придобивки и малку размислуваат за Бога и за подвигот. Но, тоа е конечно улогата на црквата, луѓето да сфатат колку им е важен духовниот аспект на живеењето. Во таа смисла веќе се наѕираат некои здрави јадра на духовен живот особено меѓу помладите луѓе кои живеат во некои од нашите црковни општини.

Колку се единствени македонските верници кои живеат таму од аспект на националната и верската припадност?

Македонските заедници во Америка и во Канада, особоено во децениите за време на поранешна Југославија, поминувале низ тешки премрежја во однос на различни пропаганди и тоа ги сплотило. Денеска, во таа смисла, се работи многу на различни проекти кои што се врзани за негувањето на православната традиција и уште повеќе на македонскиот фолклор. Во рамките на црковните општини има различни етнички фестивали, коишто не се карактеристични само за македонската заедница, туку и за другите заедници коишто живеат во Америка и Канада. Потоа тука е црковно-народниот собор којшто секоја година се одржува во една од нашите црковни општини како црква домаќин, како и различни случувања што се врзани за современиот живот на Македонија и за процесот на признавање на Македонија. Така што, црковните организиции се најорганизираните јадра на животот на Македонците на тој континент и на тој начин истовремено се дел од патриотскиот, дипломатскиот, политичкиот и културниот живот на Македонците таму.

Каков е угледот на МПЦ во круговите во кои Вие се движите?

Тоа е комплексна структура бидејќи на личен план постојат пријателства и комуникации со претставници на другите православни цркви, но тоа не е секаде случај. Нашата комуникација е исклучително добра со Американската православна црква, со Романската православна црква, со Антиохијската православна црква, со Грчката старокалендарска црква. Меѓутоа, се чувствува една затвореност, една блокада, особено во рамките на Грчката и Српската црква.

Има ли Македонци кои, на пример, одат во српски цркви?

Не секаде има македонски цркви, па таму каде што ги нема Македонците се обидуваат да ги остварат своите религиозни потреби во која било црква, особено во оние кои се отворени за целата популација Американци, без оглед на која етничка заедница и‘ припаѓаат. Има доста Македонци кои одат во грчки цркви, и тоа е една мисија којашто допрва треба да ја направиме. Треба да се поработи на свеста на Македонците во таа смисла. Забележително е дека таму каде што има големи заедници Македонци, бугарските и грчките цркви цветаат, заради тоа што најголем дел од членството на тие цркви се, сепак, луѓе од македонско потекло. Тоа е мисија за која ќе бидат потребни децении, но Господ ќе ни‘ даде време за сите тие работи да ги завршиме. Јас сум оптимист.

Како таму, во Торонто, ги доживувате сите афери кои го потресуваат врвот на МПЦ, тука пред се‘ мислам на финансиските афери со кои се соочува Синодот?

Секако е многу тешко човек од страна да ги доживува работите. Јас бев вклучен во многу проекти, особено сум врзан за идејата за воведување на веронаука и многу внимателно ги следам тие процеси. На моменти ми е жал што не можам да бидам постојано тука за постојано да помагам за активностите за коишто сметам дека можам. Најмногу од се‘ е потребна демистификација, на јавноста и потребни се вистински информации и ако правилно се претстават работите и чекорите кои МПЦ ги презема ќе има помалку недоразбирање и можност за политизација, или манипулација со некои информации.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска