1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Најмалку седум месеци до македонски пасош!

Добивањето биометриски пасош за македонските државјани кои живеат во Германија е врзано за долга процедура, која во најдобар случај трае околу 7 месеци. Проблеми нема, освен индивидуалната подготвеност на чекање!

За разлика од брзата и некомплицирана процедура за добивање документи од типот изводи на родени, венчаници, посмртници, заверки и слично,  македонските граѓани кои живеат во Германија добро знаат дека добивањето нов биометриски пасош е долга и здодевна постапка. Затоа и многумина се’ почесто се решаваат да заминат во татковината по нов пасош, отколку да се изначекаат.

„Сите македонски граѓани кои живеат во Германија предвреме знаат дека процедурата за добивање биометриски пасош трае долго. Административната постапка е навистина долга, но проблеми нема - освен индивидуалната подготвениост за чекање. Инаку, се обидуваме да им излеземе во пресрет на сите и помагаме секогаш кога станува збор за екстремни случаи. Не сакаме нашите луѓе да имаат чувство дека се оставени сами на себе. Така, доколку процедурата е започната, а некој поради екстремно важна потреба мора да патува во Македонија, не го оставаме на цедило. Издаваме патен лист, се договараме и со надлежните служби и се прави напор лицето да го добие пасошот во Македонија, за може без проблеми да се врати во Германија“, појаснува  македонскиот амбасадор во Германија Корнелија Утевска-Глигоровска.

Неажурните чекаат или патуваат!

Искуството од изминатиот период покажува дека во најдобар случај новиот биометри пасош граѓаните може да го добијат за седум месеци, по најавениот интерес, доколку се’ во документацијата е чисто. Но, како што вели Мехмет, секогаш нешто излегува, па иако патувањето кон Македонија е голем трошок, тој не сака да рескира време и одлучил пред Велигден да замине во Скопје и таму да го замени оштетениот пасош. Едноставно, како што забележува, не може да чека зашто „нема пари што би можеле да му го платат загубеното време“.

DW 60 Jahre Mitarbeiter Statements Kornelija Utevska-Gligorovska Ex-DW Mazedonisch

Сите граѓани предвреме знаат дека постапката е долга! Корнелија Утевска - Глигоровска, македонски амбасадор во Германија

Неговиот чичко, меѓутоа, го нема тој проблем затоа што е пензионер. Се туфка на сопствената неажурност. Вели, никој не му е виновен што бил „немукает“ и затоа сега еве ќе го чека „фото терминот во амбасадата“, иако се чуди зошто се’ толку долго трае.

Во амбасадата, пак, потсетуват дека граѓаните имале пет години да ги сменат старите пасоши со нови биометриски. Голема врева се крена откако на 28 февруари минатата година им престана важноста на старите документи. Со оглед што многу луѓе останале без валидни пасоши, министерството за надворешни работи  ја покренало иницијативата за ангажирање на мобилни станици во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) во државите каде живеат Македонци. Постапката е долга зашто станува збор за правна процедура која е буквално бирократска и го има следниот тек:

Прво, граѓаните преку факс или електронска пошта им најавуваат на ДКП-та дека имаат интерес да добијат биометриски пасош (нов, замена на пасош со изминат рок, замена на оштетен, издавање дупликат на украден или изгубен). Потоа ДКП-та за бројот на заинтересираните го известува матичното МНР, кое понатаму информацијата ја проследува до МВР. Тоа пак, за секој заинтересиран проверува дали има законска основа за прием на барањето за издавање пасош. Потоа следи повратна информација до ДКП-та, кои од своја страна ги известуваат граѓаните за кои е утврдено дека не постои законска пречка за издавање македонски пасош, во кои термини може да ги поднесат барањата во Берлин, Бон и Минхен. Така, првата наредна „фото сесија“ во македонските ДКП-а е планирана од 15 до 17 април во Берлин, од 18 до 26 април во Бон и од  27 до 30 април во Минхен.

Два пати доаѓање  во ДКП

„Тешкотија е што луѓето двапати треба да доаѓаат. Првпат кога кога треба да се сликаат, а вторпат при подигањето на пристигнатиот пасош. Тогаш мора да  дадат отисок од прст за да може да се активира чипот во документот. Има мал број лица кои се неподвижни, па поднесувањето на барањето, фотографирањето и врачувањето на готовиот документ се организира со службена посета во нивните домови“, дополнува амбасадорката Утевска-Глигоровска.

„Цената на пасошот од 36 евра не е голема навистина, особено во споредба со

Mazedonien Flash-Galerie Reisepass

Се’ уште има граѓани кои немаат биометриски пасош

патниот лист кој е само за една употреба и чини 30 евра. Ова е малку нелогично“, смета Елиза која потсетува дека секоја амбасада во светот, па дури и на помали држави, како онаа на Косово, по брза постапка им издава пасоши на своите граѓани.

Од свои извори ДВ дознава дека навистина амбасадата на Косово во Берлин издава патни исправи благодарение на инвестицијата во опремата  - мобилната станица, но и на уште поважното - безбедна и сигурна специјална линија за пренос на информации  до Приштина. Поради ваквата инвестиција цената на пасошите е 100 евра, но неа никој не ја коментира. Простата математика вели дека доколку таму годишно се издадат, на пример 5000 пасоши, се акумулира половина милион евра што говори дека претходната инвестиција било потег кој донесол вистински ефект за сите - и за граѓаните кои не се товарат со дополнителни трошоци за патување во татковината, и за државата која нема дополнителни трошоци (патни и дневници) за испраќање свои екипи со мобилни страници во странство, а секако и за ДПК-та кои немаат непотребни давачки и ангажман околу организирањето на целопкупната процедура (термини, телефонски контакти со граѓаните и сл). И што е најважно од се’: граѓаните имаат чувство дека државата чии пасоши ги поседуваат навистина прави многу за да им го олесни животот.

Иако и дипломатските претставништа на РМ , без сомневање, го прават најдоброто што умеат за македонските граѓани кои живеат во странство, останува дилемата: дали немаше да биде подобро доколку не беа толку испреплетени надлежностите на МВР и МНР во вршењето на конзуларните и бирократски работи? Дали практиката секое министерство строго да инсистира на својата административна присутност не е на сметка на квалитетот и ажурноста на услугите? И конечно: дали чекањето пасош седум месеци е сигнал на добро организираната државна администрација која сака да е што поблиску до стандардите на ЕУ?