1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најкрвави напади во Дамаск од почетокот на отпорот

Во најтешките бомбашки напади во Дамаск од почетокот на отпорот во Сирија, денеска (10.05.) загинаа 40 луѓе, а повеќе од 170 се повредени.

Сириската државна телевизија јави дека во јужниот дел на градот изутрината речиси истовремено се случиле две детонации. На телевизиските снимки се гледаат уништени автомобили, чад и пукотници во заднина. Оштетена е и зградата на тајната служба. Сириската државна телевизија за експлозиите ги обвини „терористите“, како што вообичаено ги нарекува борците на отпорот.

Раководителот на набљудувачката мисија на ОН во Сирија, генерал мајор Роберт Муд, отиде лично на местото на настанот за да се увери во состојбите. „Ова е уште еден пример за страдањето што му се нанесува на сирискиот народ“, изјави тој. „Ги повикувам сите, во и надвор од Сирија, да помогнат за запирање на насилството“, апелираше Муд.

Опсерваторијата за човекови права со седиште во Лондон, оцени дека се ова најнасилните напади во Сирија од почетокот на отпорот против претседател Башар ал-Асад. Во текот на изминатите месеци постојано имаше крвави напади во Дамаск. Во последниот напад на бомбаш-самоубиец пред една џамија во градот, на 27 април, загинаа 11 лица.

Протестното движење во Сирија во последно време се радикализира засилено. Експертите стравуваат дека движењето се‘ повеќе се полни со екстремисти на терористичката мрежа Ал Каеда. Опозицијата денеска тврди дека нападот е дело на режимот на Асад за револуцијата во земјата да биде претставена како дело на терористи. Докази за ваквото свое тврдење противниците на режимот немаат.