1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Најздодевната фудбалска лига во Европа

Во Бундеслигата ќе мора нешто да се менува, за да се прекине доминацијата на Бајерн Минхен, која и наштетува и на конкурентноста и на имиџот на лигата, смета Тобијас Олмајер во следниот коментар.

Бундеслигата е составена од 18 екипи. Така е веќе со децении. Но, од пред 18 месеци тоа е само делумно точно, затоа што Бајерн игра во сопствена лига. Веќе 41 натпревар едноподруго, гигантот од Минхен е без пораз. Во два меча од есенскиот дел од сезоната, првиот пат поради деконцентрација во Фрајбург, вториот пат поради лошата реализација во Леверкузен, Бајерн не успеа да победи. Доминацијата сезонава е уште поочигледна од претходната. Додека некои за Бундеслигата зборуваат како за најсилната лига во светот, во истата реченица мораат да признаат дека Бундеслигата стана здодевна. Можеби и најздодевната.

DW Hintergrund Deutschland Moderatoren Tobias Oelmaier

Тобијас Олмајер

Кои се причините за здодевноста? Секако дека Бајерн со силните вложени милиони ги купи најдобрите играчи од своите конкуренти. Невозможно е оваа екипа воопшто и да се споредува со тимови како Фрајбург, Брауншвајг или Аугсбург, кои не можат ни да сонуваат за можностите кои ги има Бајерн. На тие клубови им недостасуваат и милионите евра кои се заработуваат во Лигата на шампионите, од спонзорите и од продажбата на ТВ-правата.

Но, да бидеме искрени, овие три клубови не се виновниците за здодевноста на Бундеслигата. Наместо тоа, треба да се постави прашањето што прават другите традиционални великани во Бундеслигата? Каде е Борусија Дортмунд? Каде се Бајер Леверкузен, Шалке, Хамбург, Вердер, Штутгарт или Волфсбург? Сѐ се тоа клубови со голем потенцијал и со долга традиција.

Секако дека тие немаат исти финансиски можности како рекордерот во Бундеслигата. Но, наместо да се борат и да веруваат во нешто што, на прв поглед, е невозможно, тие како да ги туркаат главите во песок, а во насока на баварската метропола гледаат со мешавина од респект и љубомора.

Во Бундеслигата едноставно нешто не функционира. Непосредно пред почетокот на сезоната дури и финалистот во Лигата на шампионите - Борусија соопшти дека игра „за второто место“. Тоа не може и не смее да биде цел на спортистите. Сѐ додека постои таков став, Бундеслигата ќе биде здодевна лига. Оваа сезона е практично решена. Барем што се однесува до одлуката за првакот.