1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најдобро би било без сведоци?

Иран е земја на противречности. Политичарите се под раководство на религиозен лидер кој се избира доживотно. И медиумите, со децении, се под религиозна и политички мотивирана раководна палка.

default

Проценката на организацијата „Репортери без граници“ е поразителна - на ранг листата за слобода на медиумите, Иран е на 166 од вкупно 173 места. Само едно место пред Кина. По претседателските избори, се чини дека властите во Иран повторно се поведени од девизата - најдобро би било без сведоци! Новинарите наидуваат на големи препреки во извршувањето на професионалните задачи. Државната иранска телевизија со нејзините седум канали има монопол. Тоа му е од полза, пред се`, на актуелниот претседател Махмуд Ахмадинеџад, кога патува во провинција, пречекуван од толпи народ кои го поздравуваат и кога ги посетува луѓето кои се запоставени. Но, де факто, една третина од Иранците има пристап до сателитски програми од странство, иако приемот на вакви програми е илегален. Со сателитските антени во Иран можат да се гледаат над три илјади канали, од кои повеќе од триесет се на персиски јазик. Минатата година значењето на меѓународните медиуми го нагласи иранската носителка на Нобеловата награда за мир, Ширин Ебади, на Глобалниот медиумски форум во Бон: „Без ваша соработка не би биле во состојба да шириме вести за повреди на човековите права во Иран и не би можеле да го мобилизираме јавното мислење. Затоа, новинарите во недемократски земји се изложени на репресалии.“

Пречки имаат независните медиуми

По контроверзните претседателски избори, иранската влада се обидува овој канал на критичко информирање, барем делумно, да го затвори. Би-Би-Си известува со технички пречки, а изворите на пречките во програмата без сомневање се лоцирани во Иран. Исто како што се

Logo Reporter ohne Grenze Persisch

Логото на „Репортери без граници“ на персиски јазик

случајот со радиото и телевизијата, и кај печатените медиуми во Иран доминираат оние што се финанасирани од државата. Додека во предвечерјето на изборите наголемо се известуваше за ставовите на Ахмадинеџад, по изборите едвај се наоѓа по нешто за демонстрациите и протестите. Сепак, има мал број независни весници, кои се постојано цел на санкции и затворање. Претседателскиот кандидат, Мир Хосеин Мусави, дури пред еден месец основаше сопствен весник - „Каламех Сабс“, или во превод - „Зелен збор“. Сега весникот е забранет. По изборите од печат не смеат да излегуваат и други весници.

Една уредничка во независниот весник „Етемад мели“, или во превод - „Национална доверба“, јавува за технички проблеми: „Во редакцијата имаме многу брза интернет-конекција, но во моментов не можеме да ја отвориме дури ни страницата на Г-мејл.“

Иран е земја на блогери

Пречките на интернет не го погаѓаат само весникот. Иранските власти генерално многу ги ограничија можностите за комуникација. Не само што е запрено испраќањето СМС пораки, туку нема пристап ниту до мрежите Фејсбук или Твитер, кои се омилени кај Иранците. А, притоа, Иран е нација на интернет-фанови. Во земјата има околу 60.000 активни блогови. Сепак, и покрај сите овие забрани, или можеби токму поради нив, интересирањето за нецензурирани информации од странство е голем. Кликовите на интернет-понудата на Дојче веле на персиски јазик, на пример, во изминатите денови е двојно зголемена.


Автор: Матијас фон Хајн / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска