1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Најдобриот одбојкар во улога на дипломат

Владимир Богоевски е една од најголемите спортски ѕвезди на Македонија. Во улогата на спортски директор на МОК, тој даде важен придонес за афирмацијата на Македонија како независна и самостојна држава.

Легендата на македонската одбојка, Владимир Богоевски

Легендата на македонската одбојка, Владимир Богоевски

Владимир Богоевски е одбојкарски великан изнедрен од некогашната македонска перјаница „Вардар“. Беше долгогодишен капитен на екс-југословенската репрезентација, чиј дрес го облекуваше 258 пати. Во 70-тите и 80-тите години се сметаше за еден од најдобрите светски плејмејкери. Беше успешен и како тренер. Тој е една од најблескавите ѕвезди на македонското спортско небо. Сега е во улога на спортски директор на МОК. Во времето кога Македонија ја коваше својата независност, во 1992 година, како новоизбран потпретседател на МОК, Богоевски учествува во градењето на државниот легитимитет и преку спортот.

„Ми беше посебна чест, иако морам да кажам дека се двоумев на почетокот дали да ја прифатам таа улога, затоа што се’ уште бев активен како тренер и мислев дека можеби не е прав момент да одам во тие дипломатски води. Меѓутоа ја прифатив таа улога и мислам дека не погрешив.“

„Спортска дипломатија“

Првата голема битка, која ја води македонскиот спорт, е учество на Олимписките игри во Барселона во август 1992 година. Олимпискиот тим, предводен од Богоевски, оди на пат во неизвесност: дали ќе учествува на Игрите, а ако учествува под кои услови?

Богоевски е спортски директор на Македонскиот олимписки комитет

Богоевски е спортски директор на Македонскиот олимписки комитет

„Со одлука на Меѓународниот олимписки комитет беше дозвоено спортисти од Македонија да одат на Олимпијадата во Барселона 1992 година. Јас бев одреден за водач на таа мисија, но кога стигнавме во Барселона имаше проблем. Не ни дозволија да влеземе во олимпиското село додека не потпишеме некои документи. И тоа дека не настапуваме под име Македонија, дека не настапуваме како држава, туку дека настапуваме поединечно. И моравме да ги потпишеме тие документи: дека секој наш учесник ќе настапува во опремата на Меѓународниот олимписки комитет. Во случај некој наш учесник да победи, нема да биде интонирана химната на Македонија, дека ќе биде интонирана химната на ИОК, дека нема да се дига знамето на државата, туку тоа ќе биде знамето на ИОК. И додека тие документи не ги потпишавме, три дена бевме сместени во еден хотел, дури потоа влеговме и станавме дел од олимпиското семејство.“

Меѓународен пробив

На следните олимписки Игри во Атланта во 1996-та Македонија прв пат настапува со сопствените обележја, а македонското знаме на церемонијалот на свеченото отворање го носи Владимир Богоевски. Се сеќава на тоа прекрасно доживување.

„Навистина ми беше посебна чест. Не само да бидам дел од тоа отворање, туку да бидам и прв Македоноц кој го носел знамето. Што се’ не ми помина низ глава.

Преку спортот до меѓународен легитимитет

Преку спортот до меѓународен легитимитет

Освен тоа што ги гледаш тие 100 илјади луѓе кои се на стадионот, тука е и мислата дека можеби уште една милијарда луѓе се пред ТВ приемниците и ја гледаат церемонијата на отворањето, а ти си тој човек што го носи знамето на својата држава и ја претставува“.

Личните контакти од голема важност

Богоевски, познат како поранешен играч на Реал Мадрид и Барселона, а подоцна и како тренер во Шпанија, оствари блискост со легендарниот претседател на ИОК, Хуан Антонио Самаранч. Самаранч, останува во сеќавањата, како голем пријател на Македонија.

„Тој беше голем пријател на Македонија. Тој четири пати беше гостин на Македонскиот олимписки комитет. Во негова придружба беше и сегашниот претседател на Меѓународниот олимписки комитет д-р Жак Рок. И морам да признаам уште една работа. Тој беше спремен на Македонија да и’ подари донација, со која спортскиот центар Сарај ќе го направиме и регионален спортски центар. Имаше еден момент кога Самаранч вториот пат дојде во Скопје. Во хелихоптер се качивме јас, господинот Тупурковски, Самаранч и д-р Рок. Летавме над Сарај и во моментот кога Самаранч виде каква положба има Сарај се заврте накај нас и ни рече: јас ви ветив дека ќе ви дадам еден милион долари, но не еден, ќе ви дадам два милиони, зашто навистина локацијата е феноменална. Меѓутоа државата не и’ го додели спортскиот центар Сарај на МОК и идејата пропадна“.

Македонските одбојкари во натпревар против Холандија

Македонските одбојкари во натпревар против Холандија

На гурбет и во Грција

На прсти може да се избројат спортистите или тренерите од Македонија, кои добиле покана да играат или да работат во Грција во изминатите 20 години. Еден од нив е Богоевски. Неколку сезони беше тренер на ПАОК.

„Морам да кажам дека бев неколку години во Грција и во ниеден момент немав никаков притисок. Ниту од некоја политичка партија, ниту од публиката, печатот и телевизијата. Имав и неколку интервјуа, во кои кажав дека јас живем на територијата на Македонија и дека ми е чест што сум дел од тој македонски народ“.

Спортот запоставен

Како Богоевски гледа на актуелниот момент во македонскиот спорт. Дали државата доволно вложува во спортот?

Богоевски: државата треба да му посвети поголемо внимание на спортот

Богоевски: државата треба да му посвети поголемо внимание на спортот

„Апсолутно тврдам дека во спортот во Македонија малку се вложува. Ако мислиме дека спортот и спортистите се најдобри амбасадори на Македонија, тогаш мораме повеќе да вложуваме во нив. Ако знаеме дека спортот е здравје, тоа значи не вложуваме само во спортистите како спортисти, туку вложуваме во нив дека сакаме да имаме здрави луѓе, здрави деца и генерации“.

Владимир Богоевски, носител на бројни одличја од најголемите светски натпреварувања, еден од првите во клубот на спортските великани, сега спортски директор на МОК, не гледа дека во догледно време Македонија може да има олимписки медалист. Според него, потребен е систем, потребно е време, многу работа и инвестиции за пат во високото спортско друштво.

Автор: Златко Калински

Редактор: Горан Чутаноски