1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Најдобриот германски хотел е во Келн

„Ексцелзиор Ернст“ е најдобар хотел во Германија - и тоа убедливо: титулата, хотелов ја добива по вторпат, а неговиот менаџер Вилхелм Луксем е прогласен за „хотелиер на годината“.

default

Влезот во хотелот „Ексцелзиор Ернст“

Јусеф Белал токму прима една резервација. Белал, инаку родум од Египет, веќе 23 години работи во „Ексцелзиор“. Во овој гранд хотел не се само гостите од сите страни на светот, туку и неговите соработници - меѓу нив има Италијанци, Шпанци, Португалци, Французи и Турци.

„Ова всушност е типично за целата наша бранша. Од аспект на работните места, хотелиерството е интегративна бранша. Кај нас не е важно кој од каде доаѓа, каков пасош или потекло има, туку каков човек е, какви квалификации има. Се разбира, мора да зборува странски јазици и да има осет за услужни дејности“, вели Вилхелм Луксем, директор на хотелот. Тој е горд на признанието за „Ексцелзиор Ернст“, а скромно го прима признанието за него лично како најдобар хотелиер.

Хотелот, кого само една улица го дели од келнската катедрала, го сметаат за општествено средиште во Рајнската област. Негови гости се диригенти, политичари, менаџери од стопанството. Собите и апартманите чинат од 250 до 1850 евра за ноќ. Има апартмани и со по две или три спални соби плус салон. Но, и гостите што ноќеваат во „Ексцелзиор Ернст“ се со високи барања и тоа уште од времето кога е граден пред 147 години.

Комфорот на прво место

„Господин Ернст бил многу успешен дворски угостител на кралската железничка станица во Келн, како што тогаш се велело. Тоа не може да се споредува со денешните

Hotel Excelsior Köln

Внатрешноста е уредена според највисоки стандарди

станични ресторани, оти тогашните гостилници на железничките станици биле ’храмови на добрата храна‘. Кој тогаш патувал со железница, спаѓал во подобростоечкото друштво и имал повисоки барања. Господин Ернст бил многу угледен угостител, но сакал да биде и хотелиер, па го изградил овој хотел кај катедралава, што го нарекол ’Хотел Ернст‘. Но, како хотелиер не бил многу успешен и по само неколку години го продал хотелот на семејството, кое е сопственик до ден-денес“, раскажува Вилхелм Луксем.

Според него, денешните хотелски гости очекуваат комфор и елеганција. „Опремата мора постојано да се обновува, мора постојано да се реновира, да се актуелизира“.

За гостите се грижат вкупно 180 соработници на „Ексцелзиор Ернст“, што гарантира висок стандард на услугите. Тоа, пак придонесе овој хотел со пет ѕвездички уште во 60-тите години на минатиот век да биде примен во меѓународното здружение „Водечки хотели во светот“, со што и официјално се вбројува меѓу 450 најдобри на светот. Во него место имаат и традицијата, како и модерното, секоја соба има свој сопствен карактер. Персоналот е секогаш подготвен да им излезе во пресрет на индивидуалните желби на гостите.

Во најдобриот хотел и најдобри ресторани

Директорот Луксем објаснува дека на редовните гости хотелот им овозможува да патуваат со малку багаж, оти им ги чува алиштата што ги оставиле при последната посета. Испрани и испеглани, тие ќе ги чекаат во резервираната

Hotel Excelsior Köln

Ресторанот „Таку“ е исто така, најдобар во Германија

соба. Некои гости си оставаат и предмети, фотографии, кои исто така се внесуваат и поставуваат во собата пред пристигнувањето на гостинот, така што тој може веднаш да се чувствува како дома. За разлика од многу хотели со четири и пет ѕвездички во Германија, кои веќе почнаа да отпуштаат дел од вработените поради намалената искористеност на капацитетите, „Ексцелзиор Ернст“ без поголеми потреси ја мина кризната 2009 година, токму поради фактот дека има широк круг на редовни гости. А можеби придонесе и добрата кулинарска понуда.

Во еден од хотелските ресторанти, „Ханзе штубе“, се сервира иновативна француска кујна со регионални влијанија, во другиот, „Таку“, гостите ги очекува азиски амбиент. „Таму нудиме источноазиска храна - значи јапонска, малезиска, кинеска, тајландска кујна. Водичот за ресторани ’Гурмански атлас‘ минатата година го прогласи ’Таку‘ за најдобар ресторан со странска храна во Германија, на што, разбирливо, бевме посебно горди“, нагласува Вилхелм Луксем, „хотелиерот на годината“ во Германија.

Автор: Моника Ломилер/Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска