1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најголеми протести против Путин досега?

Руската опозиција и западните медиуми тврдат дека на денешните протести во Москва против изборниот фалсификат излегле повеќе од 120 илјади луѓе. Полицијата пак, се огласи со бројка од 29 илјади учесници на протестите.

default

Од денешните демонстрации во Москва

Организаторите на демонстрациите во Русија и западните новински агенции се единствени во тврдењето дека денешните (24.12) протести се најголеми досега од стапувањето на власт на Владимир Путин пред 10 години. Десетици илјади луѓе, и покрај големиот студ и снегот, излегоа на улиците ширум Русија да бараат нови фер избори во земјата. Во Москва организаторите говорат дека имало повеќе од 120.000 демонстранти, додека полицијата соопшти дека имало 29.000 учесници на протестот.

За првпат повици за промена на власта

Protesten in Russland Moskau 24.12.2011

Путин во центарот на критиката на демонстрантите

Изненадувачки, за првпат нови избори од говорничката бина во Москва побара и поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин.

„Поради загубената доверба, спорниот претседател на Централната изборна комисија Владимир Чуров мора да поднесе оставка“, изјави Кудрин.

Тој додаде дека и премиерот Путин и претседателот Дмитриј Медведев се одговорни за незадоволството на народот кое се мобилизираше против лажирањето на изборите. Во центарот на Москва за првпат можеа да се служнат гласни повици за промена на раководството. „Русија без Путин“ - порача противникот на Кремљ и поранешен шаховски светски првак Гари Каспаров. И опозиционерот Борис Немцов насобраните ги поздрави со зборовите „За Нова година без Путин“. Тој уште најави дека следниот митинг „За чесни избори“ ќе биде во февруари.

Сите против Путин

Protesten in Russland Moskau 24.12.2011

Од митингот во центарот на Москва

Писателот Борис Акуњин, кој беше еден од првите говорници на денешниот митинг, го критикуваше сегашниот премиер и претседателски
кандидат за изборите во март 2012 година, кој минатата недела на една
емисија опозицијата ја спореди со мајмуни.

„Оној што ќе биде избран за претседател ни‘ одговори со навреди. Дали сакате
Путин да биде наш нов претседател?“, праша Акуњин. Познатиот адвокат и интернет блогер Алексеј Навални, кој важи за можен претседателски кандидат, повика на натамошни мирни протести против Кремљ:

„Го земаме она што ни‘ припаѓа, си ги земаме назад нашите гласови“, изјави Навални кој неодамна беше пуштен од притвор.

На маргините на митингот, мултимилијардерот и претседателски кандидат Михаил Прохоров изјави дека во случај тој да биде избран за претседател на Русија, ќе ги поништи изборите на 4 декември, ќе го распушти парламентот и ќе распише нови избори.

Автор:Симе Недевски/дпа/ртр/афп/интерфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM