1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најголеми глобални ризици во 2013 година

Растечки разлики во приходите меѓу богатите и сиромашните, презадолжени држави и растечки штети од климатските промени - светот се наоѓа пред се’ поголеми ризици.

Извештајот „Глобални ризици 2013“, Светскиот економски форум го изработи врз основа на анкетата извршена меѓу повеќе од 1000 експерти од економијата, политиката, науката и цивилното општество. Мнозинството испитаници ја навело разликата во приходите како ризик кој најмногу ќе се манифестира во наредните десет години.

Ризик кој, доколку се оствари, би предизвикал најдалекусежни последици, според проценките на експертите, е распадот на финансискиот систем. Уште два ризици кои се рангирани како во сегментот „последица“, така и во категоријата „веројатност“ меѓу првите пет се хроничната презадолженост во државните буџети и недостатокот од вода за пиење.

Две бури

По годината со екстремни временски непогоди, од бурата Сенди до поплавите во Кина, испитаниците сметаат дека третиот веројатен глобален ризик е се’ поголемото загадување на животната средина и се предвидува дека тоа ќе има се’ поголеми глобални последици во наредните десет години.

„Овие глобални ризици се главно знак за тревога во нашите најважни системи“, предупредува Ли Хауел, издавач на извештајот „Глобални ризици 2013“ и директор на Светскиот економски форум. „Светот во моментов преживува две бури“, вели пак Џон Дрзик, директор на консултантската компанија Оливер Вајман Груп. „ Се наоѓаме пред една еколошка и една економска бура. Ако не вложиме во неопходните противмерки за ублажување на растечкиот ризик од опасни временски непогоди, би можела да биде загрозена и глобалната благосостојба на идните генерации“, предупредува Дрзик.

Во областа на здравствената заштита, издавачите на студијата предупредуваат на опасноста од преголема самоувереност поради постигнатиот медицински напредок. Зголемената отпорност на луѓето кон антибиотиците би можела да го загрози здравствениот систем, додека пак поради зголемената мобилност, пандемиите би можеле со неверојатна брзина да се рашират ширум светот.

„Дигитални пожари“

Издавачите на студијата исто така предупредуваат од опасноста од „дигитални пожари од големи размери“. Од првата печатница па се‘ до интернет - секогаш било тешко да се предвиди како новите технологии ќе влијаат врз општеството. Демократизацијата на пристапот до информации во основа е позитивна појава. Но таа би можела да има и непредвидливи последици, како што можеше да се види од безредијата кои избувнаа во целиот свет како реакција на еден антимуслимански филм кој беше поставен на ЈуТјуб.

За извештајот „Глобални ризици 2013“ треба да се дискутира на традиционалната годишна средба на Светскиот економски форум во швајцарското одморалиште Давос која ќе се одржи од 23 до 27 јануари. На неа ќе учествуваат голем број угледни бизнисмени, научници и политичари, меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот премиер Дмитри Медведев. Тие планираат да ги разгледаат можностите за намалување на опасноста од еколошки катастрофи и јакнењето на економските системи за подобра подготовка во борбата против глобалните ризици.