1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најважното столче во Осло- празно

Годинешниот лауреат на Нобеловата награда за мир- кинескиот дисидент Лиу Шијаобо нема да присуствува на денешното врачување на признанието во Осло. Тој веќе две години лежи во затворпоради критиката на кинеската држава.

default

Лиу Шиjаобо со децении е еден од најпознатите критичари на комунистичкиот државен апарат во Кина. Овој борец за човекови права веќе две години лежи в затвор. Затворските ѕидови не се ништо ново за кревкиот средновечен активист со нескршлива волја. Во интервју за Првата програма на германскиот јавен сервис (ARD) дадено во 2007 година, тој се присети на неговото прво апсење - веднаш по крвавото задушување на кинеското демократско движење во 1989 година:

„Си одев дома со велосипед негде околу полноќ. Ме следеше еден автомобил што на крајот ме принуди да запрам. Од него излегоа неколкумина, ми ги врзаа очите, ме изврзаа целиот и ме втурнаа во возилото. Атмосферата беше застрашувачка, навистина ми беше страв. Не знаев каде ме носат, само помислив дека ќе ме одвлечкаат некаде далеку и ќе ме убијат.“

China Peking Studenten Demonstration Tiananmen

Студентските протести на пекиншкиот плоштад Тјенанмен од 1989 во кои учествувал и Шиаобо

Лиу Шиjаобо, инаку професор по литература, во 1989 година застана на страната на студентите и се вклучи во нивната борба за демократизација на Кина. Двете години затвор не можеа да го исплашат. Следеа понатамошни апсења во 1995 и 1996 година. Еден од неговите мотиви да ја продолжи борбата за демократизација беше и чувството на долг и обврска кон младите кои загинаа при задушувањето на студентските демонстрации на пекиншкиот плоштад Тјенанмен:

„Многу невини луѓе беа убиени на 4 јуни 1989 година. Како еден од преживеаните морам да се борам за праведност во име на загинатите. Не можам да се ослободам од тоа чувство на обврска кон нив.“

Честа се брани со оптимизам и самодоверба

Во 2008 година Шиjаобо беше повторно уапсен и тоа како главен иницијатор на „Повелбата 08“, која беше објавена на шеесетиот јубилеј од потпишувањето на Универзалната декларација на човековите права на ОН. „Повелбата 08“ е манифест за политичка модернизација на Кина. Во неа се бараше поделба на власта, слобода на мислење и слободна конкуренција на политички партии. „Повелбата 08“ во меѓувреме ја потпишаа повеќе од 10.000 Кинези. Сепак, на Божиќ 2009 година, Лиу Шиjаобо беше осуден на казна затвор од 11 години поради обид за преврат. Тој уште во август 2007 година како да си ја предвидуваше судбината што го снајде:

„Еднаш реков дека составен дел на професионалниот ризик на еден дисидент е опасноста да ја загуби слобода и да биде под постојан надзор. Можеби во очите на другите си херој, но мора да ти биде јасно дека тоа е твој личен избор. Кога еднаш ќе одлучиш да бидеш дисидент, на ризикот и на притисоците мора мирно да им пркосиш со оптимизам и самодоверба.“

China Dissident Liu Xiaobo in Peking

Неизвесно е дали професорот по литература и поборник за човекови права ќе ја прими наградата

Лиу Шијаобо ја отслужува казната во затвор оддалечен речиси 500 километри североисточно од Пекинг. Посети смее да прима само еднаш месечно. Спроти објавувањето на носителот на годинешната Нобелова награда за мир, Кина со сите сили му се противеше на одликувањето на нејзиниот борец за демократија.

Претседателот на норвешкиот Комитет на Нобеловата награда извести дека Кина директно предупредила наградата да не му се доделува на Шиjаобо и при тоа се заканила со нарушување на билатералните односи меѓу Кина и Норвешка. Шиаобо уште во 2007 година имаше одговор и за такви сценарија:

„Некои европски политичари стравуваат дека дебатата за човековите права во Кина би им наштетила на економските односи. Јас гледам поинаку на тоа. Политичките односи меѓу Кина и Јапонија се исклучително напнати. Сепак, трговската размена со Јапонија има значаен удел во севкупниот трговски волумен на Кина. Од овој пример може да се согледа дека двете нешта немаат никакви допирни точки.“

Автор: Матијас фон Хајн / Далибор Стајиќ

Редактор: Симе Недевски

DW.COM