1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Најбројната демократија слави 60-ти роденден

Денеска Индија одбележува 60 години од донесувањето на уставот. Таа има повеќе од 1,3 милијарди жители и заедно со Кина се смета за светска сила во подем. Какви проблеми и’ се закануваат?

default

Облакодери што светкаат на сонцето, шопинг-центри во кои можат да се најдат најновите креации на Гучи, Прада или Диор, луксузни автомобили по улиците... На прв поглед денешна Индија нема никаква врска со онаа земја што во 1947 се ослободи од колонијалното ропство на Велика Британија и чиј устав беше донесен на 26 јануари 1950. Но, засилениот економски раст од околу 9% во изминатите неколку години не стига до населението во руралните средини на Индија. Таа во меѓувреме навистина претставува важен фактор во компјутерскиот и електротехничкиот сектор во светски рамки, но две третини од вкупното население и понатаму живеат од заостанатото земјоделство.

Прв предизвик: сиромаштијата

Кристијан Вагнер, експерт за Индија од Фондацијата наука и политика во Берлин, смета дека растечката разлика меѓу богатите и сиромашните во земјата претставува најголем предизвик за индиската влада. „Секако дека во Индија во изминатите 60 години имаше јасно забележлив економски напредок. Но, од друга страна мораме се’ уште да констатираме дека според меѓународните податоци во Индија околу 40% од населението живее со помалку од еден долар дневно. Тоа значи дека нема соодветни механизми на распределба на општественото богатство, какви што постојат во демократијата.“

Flash-Galerie Supermacht Indien - 60 Jahre demokratische Verfassung

Индија веќе пет години е атомска сила

Сличен е и ставот на индискиот социолог Јогендра Јадав, кој нагласува дека социјалните проблеми можат да се решат, доколку луѓето имаат доверба во социјалниот систем: „Ако постоењето република значи дека луѓето ја имаат власта во Индија, тогаш станува збор за сон. Ќе треба уште долго време додека тој сон да стане реалност - особено во земја каде владее сиромаштија, глад и каде голем број луѓе владата не ја чувствуваат особено блиска. Сепак, уставот се почитува, демократијата е жива и луѓето повеќе или помалку веруваат во системот.“

Втор: неписменоста

Досега секоја влада на Индија ветуваше дека ќе се фати во костец со проблемот на сиромаштијата, дека ќе го подобри образованието, посебно кај женскиот дел од популацијата. Од нивните заложби се забележуваат и првите успеси: според најновите статистички податоци на индиската влада цели две третини од населението во меѓувреме е описменето, што е зголемување за 6% во однос на претходниот попис од 2001.

Трет: тероризмот

Индија меѓутоа се бори со уште еден голем непријател: тероризмот. Во внатрешноста на земјата маоистичките бунтовници ја загрозуваат безбедноста. Премиерот Манмохан Синг има намера да спроведе голема офанзива против нив во наредните пет години. Но, познавачи на приликите предупредуваат дека делови од населението во северо-источниот дел од Индија ги поддржуваат Маоистите, бидејќи тие се борат против експлоатацијата на природните богатства.

Schüler in Indien

Ученици од училиште во Калкута

Сериозна закана исто така претставува и меѓународниот тероризам, кој со атентатите во Мумбаи во 2008 година, ја зеде во заложништво големата земја. Во меѓувреме е докажано дека атентатите од Мумбаи биле подготвувани од пакистанска почва. Со тоа се ставени на голема проба односите со непријателскиот сосед, со кој Индија веќе водеше три војни.

Четврт: климатските промени

И конечно, експертите предупредуваат дека климатските промени можат да станат голем предизвик за растечката светска сила од Азија. Тие би можеле дури да ги уништат големите успеси на другите полиња: „Најголемиот проблем е водата. Климатските промени ќе го покачат нивото на морињата, ќе има поплави. А преку топењето на глечерите ќе доаѓаат се’ поголеми суши, а поголемиот дел од населението во тој регион живее од земјоделство. Тоа ќе има далекусежни последици по целокупниот развој на Индија“, оценува реномираниот експерт за климатски промени од тимот на Нобеловецот Ал Гор, Адил Најам.

Автор: Прија Аселборн/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска