1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Најбрзата судијка

Ева Гинтер-Греф спортува за да си ги оттргне мислите од проблемите што произлегуваат од одговорната професија. Пред само пет години стана спортистка, а веќе е претплатена на медали на европски првенства за сениори.

Во пресудите е битна секоја ситница, која може да промени нечиј живот. Ева Гинтер-Греф, судија во суд за работни односи, секојдневно со часови интензивно се занимава со закони, прописи и параграфи:

„Главата ти е преполна, со мислите честопати се вртиш во круг и понекогаш не гледаш излез, не знаеш како да ги решиш проблемите. Тогаш е многу добро ако можеш да се оттргнеш од тие мисли, а тоа одлично може да се направи преку спорт. Потоа можеш повторно да почнеш наново да размислуваш, а главата ти е малку разбистрена“.

Ева Гинтер-Греф е најбрза меѓу колешките - судии во Хамбург, но не со нејзините пресуди. Три пати во неделата таа ги заменува црните чевли со црвени спринтерски патики. Најдобриот резултат на 100 метри и’ е 13,13 секунди, а светскиот рекорд е 10 секунди и 49 стотинки. Таа повеќе пати ја претставуваше Германија на европските првенства во атлетика за сениори над 35 години. Лани освои два златни медала во штафетни трки.

„Првиот пат, кај штафетата 4 пати по 400 метри, сите пеевме. Мислам дека бевме единствените што гласно ја пееја химната; германските тимови, инаку, секогаш се воздржани. Французите и Британците гласно ја пејат нивната химна, па си помисливме, сега и ние така ќе правиме - и испадна навистина добро“.

Во атлетиката Ева Гинтер-Греф дојде преку натпреварувањето „Десетобој за секого“ во Градскиот парк во Хамбург. Во десетобојот спаѓа и скок со стап, нејзината втора силна атлетска дисциплина.

„Ова е комплексна дисциплина, оти се состои од различни елементи: морам да имам добар залет, потоа од брзиот залет морам добро да се одразам при скокот, што не е толку едноставно, а горе преку пречката уште морам и гимнастички да бидам добра.“

Ева Гинтер-Греф, мајка на две деца, освои повеќе медали и во скок со стап. Нејзиниот личен рекорд изнесува 2 метра и 80 сантиметри.

„Од 2010 година се обидувам да скокнам уште повисоко - на тренингот успевам, но на натпреварувањата ме фаќа трема, а и пречката е стап, а не јаже како овде, па сето станува малку потешко. Но, позитивно сум настроена и верувам дека наредната година ќе успеам.“

А годинава во Шпанија, со два метра и 70 сантиметри, таа штотуку стана европски првак во сала.