1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Наци-разговор во „топ“ телевизиски термин во Грција

Деснорадикални грчки пратеници биле гости на емисија, чиј водител не само што подбуцнувал против Германија, туку поканил и тим на германската телевизија АРД за тоа да направи прилог. Еве како тоа се коментира во печатот.

„Многу гледачи не им веруваа на своите очи, кога во неделата вечерта ја вклучија програмата на грчката приватна телевизија Скај“, пишува „Зиддојче цајтунг“ во текстот под наслов „Наци-разговор во ’топ’ телевизиски термин“, образложувајќи дека новинарот Јоргос Трангас, добро познат како провокатор, кој од неодамна работи во инаку либералната телевизија Скај, во емисијата поканил четворица пратеници на грчката неонацистичка партија Златна зора. „Тие цел час можеа да ги изнесуваат своите деснорадикални пароли без некој да им противречи. Трангас уште на почетокот на емисијата даде на знаење дека четворицата господа во никој случај не се отелотворение на злото, туку тоа всушност се наоѓа во седиштето на канцеларот во Берлин“. За Трангас весникот пишува дека „со задоволство веќе се има појавувано со слики на Хитлер и придружуван од луѓе во нацистички униформи“. (...)

„Трангас во своите емисии канеше и политичари од Сириза (грчка левичарска партија, н.з.). Неговата порака во суштина е секогаш иста: таа е насочена против програмите за реформи и штедење, наложени од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд. Притоа првенствена цел му е Германија. Одговорноста за грчката мизаерија ја бара во странство, а не кај сопствените политичари, посебно не кај конзервативните на поранешната влада на Костас Караманлис.

Наместо тоа, има крајно поедноставени теории на заговор за наводно приграбување на власта во Европа од германска страна. Со тоа Трангас го погодува вкусот на значителен дел на грчката публика, што очигледно зборува во прилог на неговото вработување во Скај. Тоа веднаш наиде на внатрешен отпор и во самата телевизија, а не само кај, со неа поврзаниот, сериозен весник Катимерини. Сепак, од тоа досега нема некакво влијание“, констатира, покрај другото, „Зиддојче цајтунг“.

Германија треба да ја напушти еврозоната

„Шпигел онлајн“ пренесува обемен извод од излагањето на хеџ-фонд инвеститорот Џорџ Сорос на универзитетот „Гете“ во Франкфурт на Мајна во врска со актуелната криза на еврозоната. Тој смета дека клуч за излез од кризата е воведување еврообврзници, што Германија го одбива, и тврди: „Германската јавност не е свесна дека согласноста за еврообврзници би била многу помалку ризична и скапа, отколку и натаму да се прави најминималното за да се зачува еврото. Германија има право да ги одбива еврообврзниците. Но, нема право да ги спречува презадолжените земји да му се спротивстават на страдањето со тоа што ќе се здружат и ќе издадат еврообврзници. Ако Германија не сака такви обврзници, би требало да размисли за напуштање на еврозоната“. Сорос смета дека еврообврзницата без учество на Германија добро би стоела во споредба со американските, британските или јапонските. Како причина тој наведува дека е „решавачки која земја го напушта еврото“. „Ако е тоа Германија, еврото би девалвирало. Задолжените земји би си ја вратиле конкурентноста, нивните долгови реално би се намалиле и со издавањето на еврообврзницата би исчезнала опасноста од инсолвентност. Така одеднаш долговите на тие земји би можеле да бидат совладани. (...) За Европа би било многу подобро кога Германија би донесла дефинитивно решение меѓу еврообврзници или напуштање на еврозоната, се’ едно за што да се реши“, смета Џорџ Сорос, а пренесува „Шпигел онлајн“.

Продавање магла

„Ханделсблат“ денеска се занимава со проблемот Кипар и ги пренесува оценките на Херберт Валтер, кој од 2003 до 2009 година беше на чело на Дрезднер Банк:

„Се сакало тоа да се сфати или не, гаранцијата од 100.000 евра на ЕУ за банкарските влогови досега е само ’продавање магла’. Националните системи за сигурност во многу земји на ЕУ, во случај таа да е потребна, би биле безнадежно преоптоварени, европско осигурување за влоговите досега нема, а повеќето европски држави во криза не можат да ја исполнат ЕУ-гаранцијата дури ни со помош на даночните обврзници. Ако случајот на Кипар покажа нешто, тогаш покажа дека е време владите на земјите во ЕУ да ги зајакнат реформските напори. Политички џуџиња на кои може малку да им се верува при решавање на финансиската и должничка криза, по Кипар, веќе не можеме да си дозволиме.“