1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нацистичкото минато на Хуго Бос

Во рок од неколку дена претставени се две историски истражувања за времето на националсоцијализмот. Двете за тема го имаат нацистичкото минато на германските претпријатија, меѓу нив и познатата модна фирма - „Хуго Бос“.

default

Хуго Бос

Необичното во двете студии е следното - тие не се резултат на истражувачко новинарство, туку се изработени по налог на самите претпријатија. Независни историчари добија увид во архивите на фирмите и можеа да истражуваат и да направат објективна слика на минатото.

„Хуго Бос“ - униформи за Вермахтот

За транспарентност треба желба, вели Хјердис Кетенбах, портпарол на Модната куќа „Хуго Бос“ на прашањето на Дојче веле. Уште кон крајот на 90-те години, во рамките на дискусијата околу обештетувањето за присилната работа во периодот на нацизмот, фирмата беше конфронтирана со обвинувањата дека основачот, Хуго Бос, успеал благодарение на протекцијата на националсоцијалистите и ангажманот на принудните работници.

Тогаш фирмата, која веќе не беше сопственост на семејството Бос, ополномошти историчари да ги испитаат обвинувањата. Необјавената кратка студија на Елизабет Тим придонесе фирмата да учествува во Фондот за обештетување на поранешните принудни работници, формиран во 2000 година од германската влада и германското стопанство.

Модната куќа „Бос“, нотирана и на берзата, отиде уште подалеку - го овласти економскиот историчар Роман Кестер да изврши опсежно истражување на фирмата од Метцинген, во покраината Баден Виртемберг, од основањето во 1924 година до постапката за денацификација на основачот, кој почина во 1948 година.

Роман Кестер претстави извештај од 117 страници, кој доаѓа до заклучокот дека Хуго Бос недвојбено профитирал од националсоцијализмот. Преку неговата специјализација за производство на униформи и преку користењето принудни работници, на Бос му успеало од мала фирма да прерасне во фирма од средна големина. Бос бил убеден националсоцијалист, во партијата се зачленил уште во 1931 година. Но, да се етикетира како „Шнајдер на Хитлер“, е претерано - фирмата „Хуго Бос“ била една од многуте.

Hugo Boss Symbolbild

Модната куќа „Хуго Бос“

Раководството на претпријатието реши и натаму да го задржи името „Хуго Бос“, вели портпаролот Кетенбах. Но, останува обврската да се обелодени минатото на фирмата.

„Нашата желба беше преку објективна студија да погледнеме во минатото, за кое жалиме. Денес сме еден концерн, па ја нудиме оваа диференцирана слика“.

Квант-наци минато и семејна драма

Еден телевизиски филм во 2007 година ги состави камчињата на мозаикот: „Молкот на Квант“, како што авторите го нарекоа документарецот. Во него Гинтер Квант, првиот маж на Магда Гебелс, беше прикажан како неморален искористувач, кој користел логорски затвореници и принудни работници за да изгради претприемничка империја, која постои и денес. Семејството меѓу другото поседува големи удели и во автомобилскиот концерн „БМВ“ и хемискиот концерн „Алтана“.

Внукот на Гинтер Квант реши да го прекине молкот и го овласти бонскиот историчар Јоахим Шолтусек да го разоткрие минатото, отворајќи го и архивот на фирмата. По четири години истражување, историчарот ги претстави резултатите, кои ги потврдуваат врските на сопствениците на фирмата со националсоцијалистичкиот режим. Квантови, навистина, биле богати уште пред 1933 година, но како производител на оружје Гинтер Квант активно учествувал и во злосторствата на националсоцијалистите.

Stefan Quandt

Штефан Квант

За време на Втората светска војна кај нив работеле вкупно 50 илјади принудни работници, меѓу нив и затвореници од логорите. Квант бил бескруполозен и при преземањето на сопственоста на фирмата од Евреи. Налогодавачот за истражувањето, внукот на Квант, по обелоденувањето на вистината за неговиот дедо и татко, ја означи како болна. Во знак на нова транспарентност и отвореност на семејството, внукот архивата на фирмата му ја подари на Стопанскиот архив на покраината Хесен.

Министерството за надворешни работи-активен учесник во Холокаустот

Со своето националсоцијалистичко минато не се соочуваат само фирмите. Пред една година беше објавена студија од меѓународни историчари, според која во систематското убивање Евреи учествувало и Министерството за надворешни работи од тогашна Германија. Налогот за истражување на историјата во тој дел го дал екс-шефот на германската дипломатија Јошка Фишер. Сегашниот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во 2010 година тоа го оцени како важен чекор во „расветлувањето на темното поглавје во германското минато“. По повеќе од 60 години по крајот на националсоцијалистичкиот режим, се чини дека во Германија порасна подготвеноста за соочување со сопственото нацистичко минато.

Автор: Рахел Гесат/ Жана Ацеска

Редактор: Горан Чутаноски