1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нацистички злосторник го слави 100. роденден

Поранешниот офицер на СС, Ерих Прибке е одговорен за еден од најголемите масакри во Италија. Живее во Рим и денеска полни 100 години. Прибке никогаш не се покаја и стана икона на младите неонацисти во Италија.

Минатиот викенд, на една манифестација на Демократската партија, италијанските неонацисти фрлале со банани по црномурестата министерка за интеграција Сесил Киенге. Инцидентот јасно покажува дека идејата за „висока раса“ е широко распространета во Италија. Особено во Рим.
Ерих Прибке (насловна фотографија) некако се вклопува во сликата на италијанските десничари и странски симпатизери. Човекот кој денеска полни 100 години се' уште живее во Рим. Новиот левичарски градоначалник сака да спречи полујавна прослава на јубилејот, онаква како пред 10 години. Неговиот предходник од Националната алијанса, кој тоа го дозволи, е зет на декларираниот неофашист и самиот под вратоврската носеше келтски крст.

10 Италијанци за еден СС-овец

Меѓутоа, прославата за Прибке особено сака да ја спречи Здружението на италијански партизани од Втората светска војна. „сигурно е јасно колку би било недостојно да се прослави роденденот на човекот кој уби повеќе луѓе отколку кој било фиктивен убиец на телевизија“, вели претседателот на здружението Франческо Полкаро.
Прибке како припадник на СС е виновен за масакарот во Ардеатинските пештери. Наводно, по директна наредба на Хитлер, тој во март 1944 година стрелал најмалку 335 луѓе- во знак на одмазда за нападот на италијанските партизани врз нацистичката касарна во Рим, во кој се убиени 32 припадници на овие озлогласени единици. Десет Италијанци за секој мртов Германец, така гласела наредбата. Наредниот ден, се стрелани 335 италијански заробеници, од кои најмладиот имал 15 години. Меѓу жртвите имало и 75 Евреи. Прибке уредно водел список за егзекутираните, а 2 жртви убил лично.

Erich Priebke Verfahrenseinstellung in Italien

Меѓутоа пред тоа, Прибке бил еден од главните мачители и убијци во римскиот штаб на СС и на Гестапо, во Виа Тасо, вели Франческо Поликаро. Тој исто така се чуди дека воопшто има Италијанци кои сакаат да го прослават роденденот на Прибке. „Во Италија корените на фашизмот се' уште живеат и морате да бидете премногу внимателни, дури и ако некои политичари се колнат во Уставот, кој потекнува од духот на отпорот. Духовните ставови кои го поттикнале раѓањето на фашизмот, се' уште не се исчезнати.“

Осуден на доживотен затвор
 

Случајот Прибке покажува колку доцна започнало соочувањето со германските воени злосторници во Италија. Со децении, во фокусот била западната интеграција на земјата: земја со најсилна комунистичка партија во Западна Европа, требало во 60-тите и 70-тите години на минатиот век да остане модел на западна демократија во Јужна Европа, за разлика од Шпанија и од Грција. Германските воени злосторници во Италија не биле сакана тема. Случаите се намерно одовлекувани и занемарувани - додека истрагата околу Прибке изнела на виделина докази за илјадници воени злосторства.
Прибке до 1994 година под сопственото име живеел во Аргентина. Го открил еден новинар од САД, по што Прибке е испорачан во Италија. Ослободен е на првата истанца, но во 1998 година добил доживотна затворска казна. Една година подоцна е пуштен во домашен притвор. Иако веќе имал 90 години, работел во канцеларијата на својот адвокат. И денес повремено шета низ својата насеба во Рим, со два телохранитела и негувателка. Наводно е потполно глув и има слабо помнење. Никогаш не кажал ниту збор дека се кае. Тој дури во изјава за германскиот весник Зиддојче Цајтинг говори за заговор против него зад која стои израелскиот центар за лов на нацисти „Симон Визентал“.