1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Национална стратегија, капитални проекти и повеќе пари за културата во 2013 година

Годината 2012 за македонската култура беше успешна година. Новата година ќе донесе Национална стратегија и малку повеќе пари за културата, вели министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во интервју за ДВ.

ДВ: Кон крајот на годинава, осврнувајќи се на она што е направено- како ја оценувате културната 2012 и по што сметате дека треба да ја паметиме?

Канческа-Милевска: Бидејќи културата е доста комплексна дејност, навистина има многу нешта по кои можеме да ја паметиме годинава. Беа реализирани и голем број капитални објекти во сите области на културата, имавме прекрасна меѓународна промоција во светот па ќе ги споменам- учеството на културната Олимпијада во Лондон, изложбата на стари ракописи која беше презентирана во Брисел и голем број други настани кои ја одбележаа годината, но и многу проекти кои се наоѓаат во програмата на Владата и преку нашите институции. Да споменам голем број музички настани, проекти во делот на издавачката, теаатарската дејност, така што по многу нешта можам да ја оценам културната 2012 година како- позитивна.

Со Национална стратегија за култура –подефинирана и померлива култура

ДВ: Годината 2012 е година на извесни промени во законската регулатива во културата. Подготвена е Национална стратегија за култура (беше и на испит пред јавноста, културните работници, уметниците). Се чини дека културата ќе ни биде некако подефинирана, померлива и велите дека ќе се воспостави ред ? Кои ќе бидат придобивките?

Канческа-Милевска: Овој стратешки документ е од огромна важност за позитивниот културен развој во државата. Сега е донесена Национална стратегија за период од 5 години и многу значајно е тоа што оваа стратегија ќе ја донесува Собранието на РМ, содржи акциски план- точен временски период што е потребно и кога тоа ќе се реализира. Овој документ се базира врз научни сознанија и на верифицирани податоци. Сакам да ја изразам својата благодарност до Македонската академија на науките и уметностите која беше активно вклучена во нејзината изработка, исто како што учествуваа и голем број други чинители. Детектирани се сите слабости, во сите дејности и понудени се решенија и проекти кои сметам дека ќе дадат позитивен од и развој во сите овие дејности. Исто така, позитивно беше прифатена и на јавната дебата од страна на голем број уметници, национални и локални институции, здруженија на граѓани, невладиниот културен сектор итн. Самата стратегија беше донесена многу транспарентно. Веќе е доставена во владина процедура- ова е втората фаза, а потоа влегува и во собраниска процедура. Тука се ставени значајни проекти во сите дејности кои се надевам дека ќе понудат позитивен развој во културата и на домашен и на меѓународен план.

Годишна програма за култура...капитални проекти- и во 2013 година

ДВ:Кои се насоките во кои ќе се движи културата и во овој контекст- освен чествувањето на нашата историја и минатото, колку и на кои начини ќе се насочите во делот на актуелното, живо творештво?

Канческа-Милевска: Морам да напоменам дека секоја година имаме рамномерен пристап кон сите дејности од областа на културата затоа што, сепак е неприфатливо повеќе да финансирате еден дел, а да запоставите друг дел од културата. Исто така продолжуваме да финансираме проекти преку годишен конкурс. Но, многу важно е и и од другата страна до Министерството за култура да пристигнат квалитетни проекти. Се надевам дека веќе се пристигнати квалитетни проекти бидејќи по објавувањето на буџетот за 2013 и Министерството за култура во рок од 20 дена треба да ја објави годишната програма. Тоа е еден дел, додека вториот дел ги опфаќа капиталните проекти кои се наоѓаат во програмата и на Владата и на Министерството за култура. Продолжуваме во таа насока...

„Капиталните проекти ја пополнуваат празнината во културата“

ДВ: Како тоа ќе се одрази врз културата во следната година и за што ќе се одделат најмногу средства ?

Канческа-Милевска: Буџетот во сите дејности е малку зголемен со цел да имаме поголема поддршка на проектите на конкурсот во сите дејности. Кога ќе ја објавиме програмата ќе се видат и проектите кои се од национален интерес во областа на културата. Тука се и сите капитални инвестиции кои планираме да бидат завршени во 2013 година- очекуваме следната година да бидат отворени стариот театар и театарот во Велес, а во 2014 година и концертната сала за Македонската филхармонија. Со тоа го завршуваме нашиот дел од тие капитални инвестиции. Има многу капитални проекти и добро е што има затоа што тоа е еден вид пополнување на празнината која постоеше во овие сегменти во културата.

ДВ: Во интервју за јавниот сервис изјавивте дека го оправдувате скептицизмот кај граѓаните во врска со проектот Скопје 2014“. Фален е, но и критикуван. Имате коментар?

Канческа-Милевска: Мислам дека времето ќе покаже од какво значење биле сите овие инвестиции и за културата и за уметничкото творештво. Културата има значајна димензија во економска смисла- по повеќе години ќе го видиме тој економски бенефит иако и сега го гледаме, но и голем културен бенефит за оние кои творат во нашата држава.