1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Национализмот посилен од расизмот на Балканот

Дел од фудбалските навивачи од просторите на екс-Југославија се на лош глас поради честите расистички навреди кон противничките играчи. Дали станува збор секогаш (само) за расизам?

14. јуни 2012 година беше многу добар ден за хрватскиот фудбал. Националната репрезентација на Европското првенство им одзема важен бод на Италијанците и во пресрет на последниот, трет, натпревар се најде пред четвртфиналето. Но, 14. јуни 2012 во истовреме беше и многу лош ден за хрватскиот фудбал. Од трибините на кои се наоѓаа навивачите на „коцкестите“ полетаа банани во правец на Марио Балотели, а се слушнаа и непријатни извици.

„Според мене се работеше за најеклатантен пример на расистички навреди и говор на омраза, и тоа не беше на ниво на едно или две лица, туку извиците беа присутни секој пат кога Балотели ќе ја примеше топката“, тврди Сандра Бенчиќ од Центарот за мировни студии во Загреб. Таа, по налог на УЕФА, го следеше однесувањето на хрватските навивачи на Европското првенство во Полска.

Хулиганите подготвени на се’

Roma Kroatien

Сандра Бенчиќ

Расистичките испади не се нешто што ги „краси“ само хрватските навивачи. Такви појави има насекаде низ светот и во соседството, вели српскиот спортски новинар Славиша Веселиновиќ. Минатата година во Крушевац на мета на српските навивачи се најдоа англиските фудбалери со темна боја на кожата. УЕФА покрена постапка, а Фудбалскиот сојуз на Србија беше казнет со парична казна и играње два меча без публика.

„На такви мечеви навивачите се претставуваат на начин за кој мислат дека најмногу ќе ја „здоболи“ Европа. Тие не одат во други земји за да ги претстават своите земји во позитивно светло, туку за да се претстават како најголеми можни хулигани. Ако знаат дека во Европа најголем хулиганизам е расната дискриминација, тогаш тие ќе го прават токму тоа“, вели Веселиновиќ.

Тој тврди дека во домашните лиги нема расизам.

„Во хрватските или српските лиги играат голем број црномурести играчи. Тие никогаш не биле навредувани на расна основа“, вели Веселиновиќ.

Во спортските лиги на поранешна Југославија играат голем број играчи со црна боја на кожата, и голем дел од нив се вистински спортски идоли на навивачите, па дури настапуваат и за националните селекции.

Реномираниот хрватски социолог Дражен Лалиќ вели дека неговите истражувања покажале оти меѓу навивачите нема расизам.

„Ние немаме искуство да бидеме расисти. Тие провокации се користат во корист на навивачкиот ритуал. Кај нас многу поголем проблем од расизмот е национализмот“.

Македонскиот парадокс

Докази за тезата на Лалиќ можат да се најдат во Македонија. Искусниот спортски новинар Златко Калински го објаснува „македонскиот парадокс“.

„На секој меч на македонската фудбалска репрезентација се слушаат антиалбански пароли, а во истовреме неколку Албанци го носат дресот на македонската репрезентација и даваат се’ од себе за тимот“, вели Калински.

Slavisa Veselinovic TV Moderator aus Belgrad

Славиша Веселиновиќ

На Балканот царуваат невработеноста и безперспективноста, а по војните од 90-те години кај луѓето се собра и многу негативна енергија кон соседите, вели белградскиот новинар Славиша Веселиновиќ.

„Кога на 22 март годинава во Загреб на мечот меѓу Хрватска и Србија на теренот би истрчал и некој црн фудбалер, тој играч би доживеал многу помалку провокации, отколку другите фудбалери кои се Срби. Истото важи и за реваншот во Белград“, оценува Веселиновиќ.

Самите навивачи тврдат дека и тие го осудуваат расистичкото однесување. „Тоа се идиоти, примитивни луѓе. Кај секој народ има расисти, па и во навивачките групи. Но за таа појава нема место во нашиот кодекс на однесување“, тврди во разговор за ДВ еден од водачите на навивачката група „Гробари“ од Белград.

Во изминатите години во балканските земји беа донесени низа законски одредби со кои се дефинираат казните за расистичко однесување. Но, проблемот е што тие одредби и закони не се применуваат во пракса. Во целата 2012. година во Хрватска, правосудните органи воделе само три постапки поради сомневање за расна дискриминација.