1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нафтен бум во Азербејџан

Азербејџан располага со големи количества нафта и гас, првиот нафтовод веќе е изграден, меѓутоа недостигаат инфраструкутура и обучени кадри, како и инвеститори поради слабата безбедност.

default

Џамија и сиромаштија: во Баку се надеваат на пробив на енергетскиот пазар

Бум во Баку: луксузни продавници, хотели и скапи ресторани ги привлекуваат клинетите со подлабок џеб. По улиците врвулица од голем број црни лимузини со затемнети стакла. Големиот број градилишта создаваат сообраќајни бркотници. Но, нешто подалеку од центарот и сјајните фасади, улиците и зградите се во бедна состојба. Каспиското Море како огледало мирно на утринското сонце, но сликата мами: водата е со лош квалитет, воздухот има непријатна арома, на хоризонтот врват големи бродови – танкери.

Резервите даваат сигурност

Баку, главниот град на Аџербејџан, доживува бум. Земјата е богата со нафта и гас што лежат под Каспиското море и истовремено ги привлекуваат инвеститорите од целиот свет. Економијата доживува пораст, гордо вели министерот за стопанство Хајдар Бабаев и укажува на стапки од 35 проценти:

„Јас сум голем оптимист дека – ако не на европско ниво – можеме сепак да имаме добра политичка структура со јасни визии за Азербејџан. Може да се каже дека притоа резервите нафта и гас дополнително ни даваат сигурност„.

Може и повеќе

Пред десет години во ова никој не веруваше, вели министерот за енергетика Натик Алиев и подвлекува дека Азербејџан има намера да се соочи со предизвиците на конкуренцијата на пазарната економија:„Се’ постигнавме со сопствени сили, ги затворивме резервите, добивањето гас се одвива законски. Го извезуваме во Грузија, во Турција и Грција. Но, ние можеме повеќе„.

Нафтовод е волшебниот збор во Азербејџан. Се забележува дека европските држави имаат намера да ја намалат енергетската зависност од Русија и трагаат по алтернативи. Во 2006 година беше завршено поврзувањето на Баку преку Тбилиси до турското пристаниште Чејхан со капацитет од милион тони барели нафта дневно. Во идната година требаше да започне изградбата на „Набуко„ што треба да минува преку Турција, Бугарија, Романија и Унгарија до Австрија. Меѓутоа, нерешеното прашање од каде треба да доаѓа гасот за него, предизвика одлагање. Претходно како земја лиферант беше предвиден Иран, но поради атомскиот спор веќе не е оптимален партнер. Во ова Азербејџан гледа своја шанса. Министерот за енергетика Алиев: „Јас лично сметам дека шансите за ’Набуко’ се многу големи. Се’ зависи од тоа каква енергетска ситуација ќе се развие во Европа. Најважна е енергетската сигурност за европските земји. Затоа ’Набуко’ има големо значење. Според мене, Азербејџан е земјата што треба да ги стави на располагање своите ресурси за овој проект„.

Пред неколку дена германскиот концерн ЕР-ВЕ-Е најави дека ќе учествува во проектот.

Во убави зборови нема верба

Инаку, само еден процент од населението работи во нафтениот сектор, а профитот завршува во малку раце. Напротив, владата во Баку тврди дека приходите од нафтата, преку државен фонд, се насочуваат кон доброто на народот. Министерот за стопанство Бабаев: „Не градиме никакви палати, ниту некакви бесмислени работи. Ги користиме парите за стандардот на граѓаните. Со приходите од нафтата и гасот ја развиваме нашата земја„.

Со оглед на широко распространетата сиромаштија и делумно средновековните услови во регионите, во тоа може комотно да се сомнева. И корупцијата е зло што не запрено. Министерот Бабаев за тоа вели: „Има корупција, но можам да ви кажам дека ја има и во САД и во Велика Британија. Ние се бориме против таквите структури со реформи и со учество на приватниот сектор. Има проблеми и со инфлацијата и со работна сила„.

Населението не верува многу во ваквите убави зборови. Овој пензионер заработува 50 евра месечно:

„Толку морам да платам за струја и вода. Што останува за храна„?

Еден жител на Баку дополнува:

„Цените одат нагоре. Земјата се развива, но би било подобро ако луѓето заработуваат повеќе онаму каде што работат„.