1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Научник и дипломат

Тој се смета за еден од најважните научници на 19 век, а некои го нарекуваат „вториот Колумбо“. Лично ги познавал Гете, Наполеон, Џеферсон - бил дипломат и авантурист. Пред 150 години почина Александер фон Хумболт.

default

Александер фон Хумболт

Александер фон Хумболт бил мултиталент. Не бил од оние специјалисти, кои се разбирале само во една работа, туку човек кого го интересирала секоја природна наука. Било да се работи за астрономија, зоологија, геологија, ботаника, или, пак, истражување на климата - Хумболт бил голем љубител на науките.

Биографот Манфред Гајер раскажува: „Александер не бил филозоф, кој се обидувал да ја најде смислата на целото. Тој не сакал целото да го означи како поим, туку сакал детално да го анализира. Засекогаш останал емпиричар“.

Се` што имал собрано и истражувано, Александар фон Хумболт го броел, мерел и евалуирал. Него го интересирал целиот еколошки систем на Земјата. Уште како дете покажувал посебен интерес за природните науки, па собирал разни тревки, камења и инсекти. Затоа му го дале прекарот „малиот аптекар“.

Хумболт го добил најдоброто можно образование

Хумболт имал среќа што потекнувал од богато семејство. Татко му бил пруски офицер, а по неговата смрт, мајка му се погрижила тој и неговиот две години постар брат, Вилхелм, да го добијат најдоброто можно образование. Александер добивал приватни часови од домашни професори, кои биле блиски со просветителското движење.

И неговото универзитетско образование било сеопфатно. Студирал во Франкфурт на Одра, во Берлин и во Гетинген - економија, медицина, физика, математика, ботаника... Но, Хумболт не се специјализирал за ниту една област. Во тој период се запознал со Џорџ Форстер, природен научник кој го обиколик светот со едреници. Со него тргнува на своето прво патување. Од Мајнц, преку долната рајнска област кон Англија: „Морето го носи во далечината. Тогаш забележува дека сака да го освои светот, да го види светот. Сака да биде слободен“, забележува биографот Гајер.

Истражувачко патување

Eine rein botanische Liebe. Humboldt und Bonpland in Südamerika

Хумболт и Бонплан во Јужна Америка

По смртта на мајка му во 1796 година, 27 годишниот Хумболт наследува голема сума пари и решава да тргне на истражувачко патување. Подготовките траеле три години, а со него тргнува ботаничарот Аиме Бонплан, како и најмодерните инструменти што можеле да се најдат во тоа време. Нивното патување, што честопати ги донело и во животна опасност, поминувало низ Мексико, Куба, Венецуела, Колумбија, Еквадор и Перу. „Можете да си замислите, целите Анди, значи од северот на Перу до Лима - пешки. Патувале со месеци, илјадници километри низ планините“.

На трети август 1804 година, Хумболт и Бонплан повторно стапнуваат на европско тло. Хумболт одлучил извесно време да живее во Париз, но неколку години подоцна, повторно се вратил во Берлин, каде до крајот на својот живот бил славен како голема ѕвезда. Многу го сакал друштвениот живот, па често бил дел од разните приеми и манифестации, како во Париз, така и во Берлин. До крајот на својот живот се занимавал со истражување на многубројните растенија, животни, фосили и камења што ги собрал на патувањето во Америка. Неговото најпознато дело „Космос“, кратко по излегувањето од печат, станало бестселер. Починал на деведестгодишна возраст, на шести мај 1859 година во Берлин.

Автор: Јудит Хартл / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска