1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Науката нема дилема околу постоењето на македонскиот јазик

Европските политичари идентификацијата на македонскиот јазик треба да им ја препуштат на експертите- кај нив постои огромен интерес за проучување на современиот македонски јазик, вели полскиот Академик Сузана Тополинска.

default

„Нема никакви дилеми дека македонскиот јазик е автономен, заедно со бугарскиот, српскиот, словенечкиот, како дел од јужнословенските јазици. Денес нема ниту еден сериозен научник кој може да го негира овој факт или да го оспорува“, вели познатиот славист, Сузана Тополинска. Таа е редовен член на МАНУ од 1995 година, на Српската академија (САНУ), како и на Акдемијата во својата матична држава, Полска.

По серијата политички реакции на државниот врв во Скопје, околу одбегнувањето на идентитетскиот атрибут „македонски“ во извештајот на ЕК, следуваа континуирани дописи и критики до Брисел и комесарот Штефан Филе, од страна на писатели, студенти и ректори, спортисти и синдикати.

Amerika-Gedenkbibliothek Berlin

Еден од најафирмираните слависти, Сузана Тополинска истакнува: „Не гледам можност, потреба, политиката да се меша во науката. За постоење на македонскиот јазик, како неспорен факт, политичарите треба да учат од нас научниците, а не обратно. Јас воопшто не го разбирам тој спор околу името со Грција. Нема легална основа за негово постоење. На сцена е едно дрско, параноично барање од грчка страна, при што ние сме адресанти. Мислам дека на европските политичари тоа мора да им биде кристално јасно“.

Дали е возможно да се прекрсти, преименува, името на јазикот како национален белег на македонскиот народ?

„Не гледам таква можност. Ми се чини ненормално, смешно, несериозно е да се очекува дека еден народ, неговиот јазик да бидат преименувани, да си го менуваат името. Моите сограѓани, народот во Полска, докажал низ векови, кога бил поделен меѓу империите на Австро-Унгарија, Прусија и Русија, дека јазикот беше симболот на борба, што ги врзуваше Пољаците, ги спасуваше. Јазикот, уметноста, литературата тогаш беше доказ дека полската култура е жива, постои, дека борбата трае со убедување дека еден ден Полска ќе се врати на картата на Европа.“

Академик Тополинска е убедена дека и Македонија е дел од европската култура и цивилизација и местото и’ е во регистерот на европски народи и држави. Таа раководи со проектите за македонскиот лингвистички атлас. Под нејзино

Buchhandlung in Skopje Mazedonien

менторство е Центарот за ареална лингвистика, што се занимава со долгогодишни истражувања на јазично-фонетските изрази и традиции, нивното проткајување на македонските простори. Но, таа е категорична – современиот македонски јазик е автохтон, ниту неговите старословенски корени, ниту традициите допираат до антиката.

„Мислам дека Македонија како држава, Македонците како народ презеле дел од високата цивилизација што со векови постоеле на овие простори. Тоа главно биле носителите на палеобалкански јазици. Тука биле и Римјани и Грци. На овие македонски простори, луѓето на оваа територија наследиле богатство од тие стари цивилизации. И тука е крајот на врската со античкото време“.

Јазикот е еден од идентитеские белези на еден народ

Во подолгото интервју за Дојче веле, Тополинска уште вели дека јазикот е еден од врвните атрибути и идентитски белези на еден народ.

„Во оваа смисла треба да го толкуваме како идентитетски белег на една општествена заедница. Тој веќе е стандардизиран како официјален јазик на една држава, благодарение на напорите на таа заедница, нејзините носители, да се постигне таква цел и етапа. Мене ми е многу тешко да одговарам околу какви било дилеми за постоењето, признавањето или афирмацијата на македонскиот јазик. Тој е признаен, по Втората светска војна е застапен како рамноправен партенер на другите словенски јазици во сите споредбени граматики што третираат словенска лингвистика. Исто така е застапен во сите синтези на јазици во рамките на таканаречениот балкански јазичен сојуз. И затоа ниту во европската и светската наука немаат дилеми околу постоењето на македонскиот јазик“.

Mazedonische Akademie für Wissenschaft und Kunst

МАНУ

На прашањето дали овој македонски простор може истовремено да биде третиран и како словенски и како антички македонски јазик, Тополинска оценува: „Античкиот македонски јазик е одамна изумрен. Ние многу малку знаеме за него, ако се изземат околу стотина збороформи. Се претпоставува дека бил близок до некои делови од грчкиот, но не како негов дијалект. Нема дилема дека старите словени наследиле дел од вредностите на старите цивилизации, но во јазична смисла македонскиот јазик припаѓа на групата словенски јазици. Меѓутоа, воопшто нема елементи од стариот антички палеобалкански јазик во современиот македонски јазик“. Според овој познат научен авторитет „основната супстанца на современиот македонски јазик е словенска, но структурно тој се оддалечил од другите сродни јазици. Но, во македонскиот тие балканските интерфернции се најбогато застапени. Оттука огромниот интерес кај лингвистите типолози, теоретичари токму за анализа на современиот македонски јазик“.

Од матичната Полска Академик Тополинска практично е преселена во Скопје, каде и раководи со прибирањето и обработката на бројните македонски дијалекти, научни аманети оставени од основоположникот на МАНУ и литературниот јазик Блаже Конески, а подоцна од академик Божидар Видоески.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска