1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Натпревар во трговијата преку интернет

Продажбата преку каталог со испорака на производите по пошта стагнира, но е во силен подем продажбата преку интернет. Претпријатијата со традиција таму се соочени со конкуренција од нови, амбициозни фирми .

Германското претпријатие Некерман кон крајот на април објави дека ќе го укине познатиот каталог со производи што ги испорачува по пошта и ќе отпушти од работа речиси 1400 луѓе. „Некерман околу 80 проценти од приходот остварува со трговија преку виртуелната продавница (онлајн-шоп), речиси сите нови муштерии доаѓаат преку интернет“, образложи Ане Пуц, портпарол на концернот, во разговор за ДВ. Во првиот квартал од 2012 година приходот од нарачки преку каталог е преполовен, а бизнисот преку интернет е зголемен за 30 проценти.

Речиси две третини од сите нарачки се преку интернет

Neckermann

Логото на Некерман

Преструктуирањето во Некерман е симптом за промената во таа бранша. Минатата година речиси две третини од нарачките се направени онлајн, велат од здружението на претпријатијата од оваа бранша. Бизнисот со години бележи пораст.

На германскиот пазар водечка позиција има американскиот понудувач Амазон. Тајната на неговиот успех е во тоа, што на таа платформа и други понудувачи можат да продаваат свои производи. На второ и трето место според продажбата преку интернет се Ото и Некерман. Тие направија брз пробив со понудата преку интернет, оти профитираа од претходното искуство и логистиката.

Нови конкуренти за традиционалните претпријатија

Со години на пазарот притискаат и нови конкуренти, во прв ред Заландо, фирма од Берлин. Понудувачот на облека и обувки со агресивна маркетиншка кампања брзо се етаблира на пазарот. Иако постојано се зборува за успешен почетник, уште пред стартот основачите на Заландо, бараќата Самвер, имаа многубројни финансиски подржувачи. „Заландо никогаш не беше вистински почетник. Тие стартуваа во сосем поинаква лига, отколку што денес фактички стартуваат претпријатијата - почетници“, вели во разговор за Дојче веле Ингмар Бекман од здружението на германските претпријатија за трговија по пошта.

Заландо допрва треба да се докаже

Neckermann

Каталог на Некерман пред берзата во Франкфурт

Заландо се појави пред само три ипол години, а веќе испорачува во 7 европски земји. Сепак е прерано да се означи како успешна приказна, вели Бернд Скиера, професор по електронска трговија во Франкфурт: „Заландо има забележителни постигнувања. Тоа го велат и најновите податоци за приход од преку 160 милиони, но и за загуба од 20 милиони. Приходот е забележителен, ама и загубата исто така“.

Странските инвеститори токму го покачија својот удел кај Заландо, за бизнисот да се прошири и во други земји. Со брзиот развој, Заландо мора соодветно да ја подобри и својата инфраструктура - сега претпријатието гради уште еден, 100 милиони евра вреден магацин за стоки.

Предизвик - испораката на производи

За муштериите е клучна веб-страницата на претпријатијата со понудата, додека за рентабилноста на понудувачите е клучна испораката на нарачаните производи. Ова укажува на предизивиците со кои се борат тие претпријатија. Тоа не е нов феномен, исто беше и во традиционалниот бизнис преку каталози. Ново е дека во интернет малите понудувачи имаат пристап до сите муштерии на отворените платформи како Амазон. Тоа ним им овозможува да опстојуваат во конкуренција со традиционалните претпријатија како Ото и Некерман, или со новите големи трговци, како Заландо.

Каталогот на Некерман оди во историјата. Како традиционалните трговци по пошта ќе се докажат во интернет, ќе зависи и од нивните стратегии за позиционирање во мрежата. Брзиот подем на Заландо покажува колку е токму таму важен агресивен настап.