1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НАТО се прилагодува на новите закани

НАТО на почетокот на следната година ќе започне со повлекувањето на своите трупи од Авганистан. Предавањето на одговорноста за безбедноста врз авганистанските власти ќе заврши веројатно до крајот на 2014 година.

default

Андерс Фог Расмусен со главните точки од новата стратегија

Предавањето на контролата на безбедносната состојба врз авганистанските власти ќе заврши веројатно до крајот на 2014 година, најави генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен на самитот во Лисабон. Освен 28-те земји-членки во португалскиот град се присутни и претставници на 20 држави, кои имаат трупи во мисиите на Алијансата.

На самитот во Лисабон, НАТО го донесе новиот стратешки концепт, во обид да се прилагоди на променетите односи во светот. Изворите на закана се променија, вели генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен:

„Нестабилноста во земји на другата страна од глобусот, можат директно да влијаат врз безбедноста во нашите земји. Тие можат да бидат упориште на тероризмот, трговијата со дрога, оружје и бело робје, што може да се види во примерот со Авганистан.“

Токму таа земја зеде многу жртви во последно време. Присутните на самитот во Лисабон им оддадоа почит на сите војници на НАТО, кои загинале во мисиите ширум светот. Човечките жртви се уште една од причините за се` поголемиот притисок врз владите да ги повлечат трупите од Авганистан. НАТО се надева дека тој процес би можел да заврши до 2014 година. Предуслов е авганистанските сили сами да можат да се грижат за безбедноста во земјата.

Flash-Galerie NATO Gipfel Portugal Lissabon 2010

Подготвени за новите предизвици - заедничка фотографија на учесниците на самитот

Антиракетен систем со учество на Русија?

Освен тоа, членките на Алијансата постигнаа согласност и околу изградбата на антиракитниот систем, чија цел е заштита од напади од земји како Иран. Расмусен долго говореше за предностите на тој проект:

„Антиракетниот систем уште повеќе ќе ги зближи членките на НАТО, а со тоа што и` ја пружаме раката и на Русија и и` нудиме соработка, имаме големи шанси да изградиме безбедносна структура за целиот евроатлантски простор“, рече Расмусен.

Вклучувањето на Русија го поздрави и германската канцеларка, Ангела Меркел:

„Го сметам за неверојатен исчекор фактот што со Русија заеднички се разгледуваат можните закани и се зборува за соработка при изградбата на антиракетниот систем. Тоа покажува дека Студената војна и навистина е завршена“, рече Меркел во Лисабон.

НАТО останува нуклеарно вооружен

Од друга страна, предлозите на германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, останаа нереализирани. Тој побара заедно со изградбата на антиракетниот систем да продолжи нуклеарното разоружување во Европа. Меѓутоа, нуклеарните сили, како САД и Франција, се строго против тој предлог. Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен го цитира тој дел од новиот концепт на НАТО:

„Стратешкиот концепт го обврзува НАТО да работи на остварување на целта ’свет без атомско оружје’. Меѓутоа, истовремено предвидува дека се` додека во светот има земји кои поседуваат нуклеарно оружје, и НАТО ќе остане нуклеарно вооружен.“

Самитот во Лисабон се одвива под досега невидени безбедносни услови. Сепак, поголеми демонстрации против Алијансата или немири во португалскиот главен град засега нема.

Автор: Кристоф Хазелбах / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM