1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

НАТО сака да се најде брзо решение за спорот со името

НАТО нема водечка улога во преговорите за името, но има интерес за брзо постигнување решение, гласи пораката на генералниот секретар на НАТО, Јаап Де Хоп Шефер, кој имаше средба со македонскиот премиер, Никола Груевски.

default

Проблемот со името е единствената пречка на патот на Република Македонија кој води во НАТО и Европската Унија. Генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер на средбата со македонскиот премиер, Никола Груевски, изразил надеж дека Македонија наскоро ќе го тргне овој спор од патот и ќе може да им се придружи на Албанија и на Хрватска за членство во Алијансата.

„Двајцата опширно разговараа за прашањата поврзани со нашето партнерство. Секако, пред сé, разговараа за прашањето за името. Премиерот ја образложи најновата ситуација по предлозите на г-динот Нимиц, за разговорите кои досега се водеа меѓу Атина и Скопје и неговото видување на политичката ситуација во неговата земја“, изјави на редовната конференција за печатот, портпаролот на НАТО, Џејмс Апатурај, додавајќи:

NATO Sprecher James Appathurai

Џејмс Апатурај

„Генералниот секретар потенцираше дека НАТО нема водечка улога во ова прашање, но дека има интерес што е можно побрзо да се постигне заеднички прифатливо решение меѓу Атина и Скопје, затоа што одлуката донесена во Букурешт беше многу јасна - веднаш штом се реши името, брзо ќе поздравиме прием на три, а не само на две нови членки во НАТО“, додаде Апатурај.

Комприомис да, но не по секоја цена

Во однос на прашањето за името, Груевски уште еднаш укажал дека Македонија е подготвена на компромис, но не по секоја цена: „Укажавме дека бараме решение на тој проблем, укажавме дека преговараме со Грција, дека сме спремни за компромис, но не по секоја цена и тој компромис не може да биде било каков. Укажавме дека граѓаните на РМ сакаат земјата да стане членка на НАТО и ЕУ, исто како и ние самите, подготвени сме да платиме одредена цена, меѓутоа не било каква цена. Значи таа цена има некакви лимити“, изјави македонскиот премиер.

На средбите со генералниот секретар на НАТО и со Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, Груевски го отворил прашањето за инцидентите во околината на Лерин.

Gruevski mit Solana in Brüssel

Никола Груевски и Хавиер Солана на една од нивните поранешни средби во Брисел

„Морам да укажам дека речиси на сите средби го отворив и прашањето што деновиве ја вознемири целата македонска јавност, а тоа е прашањето поврзано со приведувањето на македонските новинари во Грција, во Лерин, што беше последица на она што се случи претходно во Грција со воените вежби, апсењата на поголем број Македонци кои што се државјани на Грција. Кажав и дека тоа се преседани и лош начин да се решаваат некои проблеми и дека Грција со сигурност можеше да го одбегне ова апсење на новинарите, а можеше да ги одбегне и проблемите кои што се создадоа откако се организираа воени вежби“, рече македонскиот премиер.

Прашањето за инцидентите во леринско е билатерално

Од кабинетот на Хавиер Солана не сакаа да ја коментираат средбата очи в очи со Груевски и да кажат за што се разговарало, додека портпаролот на Алијансата рече: „Премиерот Груевски го спомена инцидентот на северот на Грција. НАТО нема свое видување, НАТО нема право да има видување за овие прашања. Генералниот секретар внимателно слушаше што Премиерот имаше да каже“, рече Апатурај.

Според она што се дознава од високи извори од Алијансата, Генералниот секретар на НАТО нема намера да го актуализира прашањето за инцидентот во структурите на НАТО, бидејќи тоа е билатерално, меѓу Грција и Македонија. Шефер не изнесол ниту став за случувањата во Лерин, туку само го ислушал премиерот внимателно.

Амбасадорот на САД во Алијансата, Вокер на средбата со Груевски ја потврдил американската поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија, посочувајќи дека државата треба да продолжи како и досега - да се движи со одлична динамика во вистинскиот правец.

DW.COM