1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НАТО: Русија ја напаѓа германската армија преку кампања со лажни вести

Обвинувања дека германските војници во Литванија извршиле силување биле испратени на електронските пошти на неколку локални медиуми и претседателот на парламентот. Од НАТО тврдат дека Русија ја таргетира алијансата.

Германските војници стационирани во Литванија се цел на лажни обвинувања за силување, објави „Шпигел“ во четвртокот (16.02). Дипломати на НАТО за германскиот магазин „Шпигел“ изјавиле дека на случајот гледаат како на напад врз присуството на НАТО во Источна Европа - најверојатно подготвен од Русија.

На 14 февруари, до литванскиот парламент и неколку локални медиуми преку електронска пошта биле испратени обвинувања дека германски војници силувале малолетна девојка од Литванија.

Литванските органи ги истражиле обвинувањата и не пронашле доказ дека обвинувањата наведени во електронската пошта се точни. „Според нашите сознанија, истрагата на литванската полиција дошла до заклучок дека нема жртва, ниту можни сведоци или можен извршител“, изјави портпарол на германското Министерство за одбрана.

Според информациите на „Шпигел“, неколку помали локални медиуми во Литванија известиле дека се подигнати обвиненија, но литванските власти ги отфрлија таквите тврдења.

Литванската полиција продолжува да го истражува инцидентот. Според информациите на Министерството за одбрана на Германија, адресата од која била испратена електронската пошта веќе не постои, а литванските органи се обидуваат да ја лоцираат ИП-адресата на испраќачот.

НАТО се движи на исток

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред новинарите во Брисел изјави дека претходно имало неколку обиди да се шират дезинформации за НАТО и дека организацијата е свесна за тоа.

Присуството на германските трупи во Литванија е дел од мисијата на НАТО во источните територии. Воената алијанса го зголемува военото присуство како одговор на руското анектирање на Крим и вмешаноста на Кремљ во конфликтот во источна Украина.

Силите на НАТО се стационирани во Полска и во три други балтички земји – Литванија, Естонија и Летонија. Германија, која ја предводи неодамна започнатата мисија во Литванија, ги распореди првите воени единици на почетокот на февруари.

Кампањата на дезинформирање во Литванија многумина Германци ги потсетува на случајот „Лиза“. На почетокот од 2016 година, руските медиуми објавија приказна за 13-годишна германска девојка со руско потекло. Девојката, именувана како Лиза, тврдела дека била киднапирана и силувана од арапски бегалци во Берлин – лага измислена за да ја сокрие вистината од родителите за тоа каде ја поминала ноќта. Стотици Руси од Германија излегоа на протести велејќи дека германските авторитети го игнорираат случајот на Лиза поради политички причини.