1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НАТО пред судбоносни одлуки

Во време на финансиска криза, НАТО презентира нов модел: со помалку пари да се постигне повеќе. Големите проекти за вооружување ќе бидат финансирани заеднички. Кон ова се вбројува и противракетната одбрана.

Со редица нови проекти за вооружување НАТО сака да најави нова „епоха на соработка“, изјави генералниот сектретар на Северноалтлантската алијанса, Андерс Фог Расмусен по првиот ден на самитот на НАТО во Чикаго. 28-те шефови на држави или влади донесоа одлука да бидат набавени пет нови беспилотни летала во вредност од повеќе милијарди евра и да бидат стационирани во Италија.

Некои држави како Германија или Франција имаат намера заеднички да ги ангажираат авионите за надгледување на поморските области. НАТО заеднички ќе купува и роботи со далечинско управување за откривање на бомби.

„Паметна одбрана“

Новата кооперација НАТО ја нарекува "Smart Defense". Станува збор за тоа да се развие и купи она што државите не можат финасиски самите да го пружат. САД имено во наредните десет години планираат да го намалат буџетот за одбраната за 490 милијарди долари. Во Европа буџетите во најдобар случај ќе стагнираат, е прогнозата на НАТО. Шефовите на држави или влади на самитот одобрија повеќе од 20 проекти кои ја носат етикетата „паметна одбрана“.

Во овој модел на соработка се вбројува и европскиот систем за ракетна одбрана. НАТО официјално ги презеде првите чекори во воспоставувањето на европскиот ракетен одбранбен штит. Еднаипол година по одлуката од Лисабон, на самитот во Чикаго е прогласена оперативност на штитот. Ќе биде потребно време до 2020 година додека одбранбените ракети би биле во состојба да ја штитат европската територија на НАТО од евентуален атомски напад од Иран.

Поканата за Русија да учествува во ракетниот штит и натаму е отворена, подвлече генералниот секратар на НАТО Расмусен. Право на вето Русија меѓутоа нема. И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на самитот увери дека проектот не е насочен против Русија.

„Вратата за Русија останува отворена“

Досега Русија не само што одбива соработка туку и се заканува со противмерки.

Втора голема тема на првиот ден на самитот, за која ќе се расправа и денеска, е Авганистан. НАТО правеше обиди да го релативира спорот со Франција околу предвременото повлекување на трупите од Авганистан. Новиот француски претседател Франсоа Оланд во Чикаго нагласи дека опстојува на својата „прагматична одлука“, да бидат повлечени француските борбени трупи од Авганистан уште во текот на оваа година. „Од 2013. година Французите ќе вршат само обука во Авганистан“, изјави Оланд на пресконференција.

НАТО имено постигна согласност, да бидат повлечени трупите заеднички до крајот на 2014. годин. Американскиот претседател Барак Обама на оворањето на самитот подвлече

„Исто како што заеднички поднесовме жртви за нашата безбедност, еден до друг стоиме одлучни да ја завршиме оваа мисија“.

И германската канцеларка Ангела Меркел опстојува на принципот: „Заеднички отидовме во Авганистан. Заеднички треба и да се повлечеме“.

Командантот на ИСАФ трупите во Авганистан, американскиот генерал Џон Ален смета меѓутоа дека безбедноста во Авганистан може да се гарантира и без француските трупи.

Протести во центарот на Чикаго

Додека шефовите на држави или влади дебатираа во високо обезбедуваниот конференциски центар МекКормик, во центарот на Чикаго демонстрираа околу 2.500 луѓе, барајќи НАТО веднаш да се повлече од Авганистан. Протестите минаа претежно мирно. Полицијата во Чикго ангажираше илјадници службеници. Некои демонстранти насилно беа спречени да стигнат до високо обезбедуваниот простор каде се одржува самитот. Очевидци велат дека уличните блокади биле „брутално“ растурени. Околку триесетина анти-НАТО активисти се уапсени уште минатите денови. Шефот на полицијата на Чикаго Гери МекКарти уверува дека полицијата ја има ситуацијата под котрола.