1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

НАТО и ЕУ на дофат - а сепак недостижни

Македонија слави 20 години од независноста. Патот кон декларираната цел - членство во ЕУ и НАТО - се покажа како многу тежок. Најголема пречка на тој пат е спорот со Грција околу името.

default

На референдум пред 20 години македонските граѓани, со речиси 98 проценти, повеќе од убедливо ја потврдија желбата за своја самостојна и независна држава по распадот на Југославија. Политиката и општеството беа и до ден-денес останаа единствени околу главната цел: членство во НАТО и ЕУ. Меѓутоа, набргу се покажа дека патот ќе биде долг и трнлив.

Големи пречки

Karte ehemaliges Jugoslawien Slowenien, Kroatien, Bosnien und Herzigowina, Serbien, Montenegro, Kosovo, Highlight: Mazedonien,

Признавањето на државата од страна на западните земји се оддолжи повеќе години, иако од нив востановената Арбитражна комисија на правни експерти (Бадентеровата комисија, наречена според Французинот Робер Бадентер, кој претседаваше со неа) на почетокот на 1992 утврди дека само Словенија и Македонија од републиките на поранешна Југославија ги исполнуваат сите услови за меѓународно признавање како самостојни држави. Германија наскоро по тоа ги призна Словенија и Хрватска, а Македонија дури 4 години подоцна. Но, факт е и дека Македонија не тргна веднаш решавачки во насока кон самостојност, туку прво, заедно со Босна и Херцеговина, се обиде да спаси некоја форма на југословенската федерација која се распаѓаше (таканаречениот „План Глигоров - Изетбеговиќ“, според тогашните претседатели на тие две земји).

Македонија дури во април 1993 беше примена во ОН, но под провизорната ознака „поранешна југословенска Република Македонија“ (ФИРОМ - "former yugoslav Republic of Macedonia"), оти Грција се спротивстави на користењето на официјалното име Република Македонија.

Македонија мораше да се бори со економските последици поради војните во другите делови од некогашна Југославија и од две ембарга - меѓународното против Србија и едностраното, против неа, од Грција заведеното трговско ембарго.

За време на војната на Косово 1999 сиромашната земја привремено прифати 300 илјади бегалци. Во 2001 година Македонија и самата се најде на работ на граѓанска војна.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne

Во 2005 година Македонија доби статус на официјален кандидат за членство во ЕУ, но и натаму, веќе речиси 6 години, чека на датум за почеток на пристапни преговори. Во 2008 година членките на НАТО утврдија дека Македонија ги исполнува сите услови за прием, но и покрај тоа, поради грчкото вето, таа остана и се’ уште стои пред вратата на Алијансата.

Од работ на војна до коегзистенција

Два проблема се провлекуваат низ сите 20 години на самостојна Македонија: спорот со Грција околу името и меѓунационалните односи. Второто прашање Македонија го решава подобро од другите земји во регионот. Со Охридскиот рамковен договор, издејствуван со притисок од Западот, не само што му беше ставен крај на конфликтот меѓу државните сили за безбедност и побунетите Албанци, туку беше создадена база за соживот на сите етнички групи во повеќенационалната држава. Севкупната положба на македонските Албанци е значително подобрена. Тие се паритетно застапени во државните и општествените институции. Некоја од партиите на македонските Албанци е секогаш партнер во власта. Албанскиот како официјален јазик се зборува и на седниците на Собранието (македонскиот парламент). Албанското знаме смее легално да се истакнува, покрај македонското. Меѓунационалните односи во земјата не се идилични, но се сосем прифатливи, со потенцијал за натамошно унапредување.

Europa Mazedonien

Иднината во ќорсокак

Куриозитет е, и единствен пример во меѓународните односи, една земја да и’ го оспорува на друга правото да се именува како што сака. Во светот не е реткост провинции и региони во различни земји да носат исти имиња. Единствено на Грција и’ пречи дека Македонија се вика исто како и нејзината северна провинција. Македонија под нејзиното уставно име ја признаа 133 држави (меѓу нив и САД, Русија и Кина, членки на Советот за безбедност на ОН, потоа Индија, Канада и други), уште 30 други земји во билатералната комуникација го користат името Република Македонија. Посредувањето од ОН досега не донесе решение за надминување на спорот.

Аргументацијата на Грција, дека се плаши од можни територијални претензии на малата и економски слаба Македонија, со само неколку илјади војници и во одредена мера зависна од грчкиот капитал, не звучи веродостојно. Освен тоа, Македонија во уставот внесе дека нема никакви територијални претензии спрема било кој сосед. Конечно, на Грција не и’ пречеше дека пред осамостојувањето речиси пет децении постоеше Македонија како република во југословенската федерација.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

Грција користејќи го - или злоупотребујаќи го - консензуалниот принцип на решавање во ЕУ и НАТО со вето ја блокира евроатлантската интеграција на Македонија, иако со билатералната Привремена спогодна од 1995 се обврза да не го попречува приемот под ознаката ФИРОМ. Поради тоа Македонија се обрати до Меѓународниот суд на правдата. Отворено прашање е дали навистина за Грција е спорно само името, како што тврди таа, или сака да го негира идентитетот и јазикот на Македонците, како што претпоставуваат тие. Прашање е и што сака Македонија да постигне со антиквизацијата. До сега, во секој случај, собра само критики од сите страни.

Германско гледање на спорот околу името

Германскиот Бундестаг со декларација од есента 2004 препорача користење на уставното име на Македонија. Владата до денес цврсто останува на линијата на ЕУ. „Ние сме врзани за политиката на ЕУ спрема регионот и немаме никаков повод за сопствени активности и самостојно дејствување. Ние практично не можеме ништо да сториме се’ додека не биде решен проблемот со името“, изјави за Дојче веле во 2009 година Гернот Ерлер, во тоа време државен секретар во германското министерство за надворешни работи.

Актуелниот министер Гидо Вестервеле на почетокот од неделава, по средбата со македонскиот колчега по функција Никола Попоски во Берлин, за спорот околу името рече: „Ние полагаме врз успех во разговорите што се водат сега меѓу Грција и ФИРОМ со посредништво на ОН. (...) Имам голема надеж, од срце се надевам, дека сегашните тешкотии наското ќе можат да бидат надминати и тоа во интерес на Македонците, но и во интерес на Европа и на нејзините земји-членки“.

Gjorge Ivanov Präsident Mazedonien zu Besuch in Berlin

Дорис Пак, европратеничка од редовите на ЦДУ, ја смета грчката блокада на Македонија за „нефер“ и „неевропска“, како што се изрази во изјава за Дојчландрадио.

Германскиот историчар Кристијан Фос во едно поранешно интервју за Дојче веле нагласи дека прашањето на малцинството „сосем јасно“ стои зад спорот околу името. Фос, истражувач и познавач на состојбата на малцинствата во северна Грција, македонското посебно, укажува на грчката политика на асимилација „славофоните“ од 30-тите години на минатиот век, како и на протерувањето десетици илјади припадници на тоа малцинство по граѓанската војна 1945-49, кои се бореа на страната на поразените комунисти. Тоа, според Фос, се важни факти, за да се сфати тврдокорното грчко одбивање на решение за таканареченото „македонско прашање“.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM