1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

НАТО - и Германија во негови рамки – подготвени за блискоисточен мировен ангажман

Герхард Шредер не е лично присутен на Конференцијата за безбедносна политика во Минхен – грипот го спречи во тоа, но сепак германскиот канцелар и’ даде белег на дебатата. Неговата теза дека НАТО мора да се реформира, зашто веќе не е дораснат на актуелниот развој во трансатлантските односи, пред се’ на нараснатото влијание на Европа, поттикна дискусија за улогата што во иднина треба да ја игра Алијансата..

“НАТО веќе не е примарно место на кое трансатлантските партнери се консултираат и ги координираат своите стратегиски претстави” – вели канцеларот Шредер во говорот што во негово име го прочита министерот за одбрана Петер Штрук.

Со контра-теза возврати Доналд Рамсфелд: “Најдобро место за дискусија за трансатлантските односи е самото НАТО” – смета американскиот министер за одбрана.

Предлогот на канцеларот го отфрли и генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер укажувајќи дека НАТО веќе се наоѓа во процес на реформа и во изминатите години многу се промени.

Со оглед на толкавата искажана скепса, Штрук повторно се јави за збор: “Се разбира дека ние не сакаме укинување на НАТО, туку тоа е опис на една состојба што ние сакаме да ја промениме и подобриме”.

Потоа попладнето се дискутираше околу тоа, каква улога може да игра НАТО во кризните жаришта, на пример на Блискиот исток. “Доколку биде постигнат мировен договор, има мандат од ОН и барање од Израел и Палестинците, НАТО би можело и таму да се активира. За решение е се’ уште прерано, но НАТО мора да стои на располагање за таа задача” – смета генералниот секретар Шефер. На ова се надоврза и Петер Штрук: “Јас не сакам да оставам никакво сомнение дека ако дојде до тоа и Германија ќе ја прифати својата одговорност во рамките на НАТО” – рече германскиот министер за одбрана.

На Конференцијата позитивно беа оценети не само новите шанси за мир на Блискиот исток, туку многумина говорници го пофалија и напредокот во Ирак и успешните избори. Прашањето за војната во Ирак, кое доминираше во двете изминати години, овој пат беше во втор план. Американскиот министер Рамсфелд се откажа од вообичаените остри забелешки на сметка на противниците на војната и се покажа исто толку помирлив, колку и другите членови на владата на Буш во изминатите недели.

Темата Иран внесе повеќе експлозивност: многумина говорници предупредија дека Иран не смее да поседува атомско оружје, но остана спорно кој е најдобриот пат кон таа цел. Во говорот на канцеларот Шредер беше побарана активна поддршка од САД за дипломатските напори на Европејците.