1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Натамошното ширење на ЕУ ќе оди „бавно и фрустрирачки“?

Во последните десет години пораките на политичарите од Европската унија за јасна европска перспектива на Балканот останаа суштински исти. Она што се смени е контекстот на новото време и ЕУ.

Како што во последно време може да се чуе, политичарите од Унијата, без исклучок, сѐ подиректно говорат за тоа дека „сите земји од Балканот би требало да бидат членки на ЕУ“. Ако ваквите изјави ги споредиме со пораката на Унијата од Самитот во Солун во 2003 година, дека „иднината на Балканот е во ЕУ“, тогаш во што е разликата?

Перспективата е и натаму тука. Тука се и условите кои мораат да бидат исполнети. Тука е и фактот дека проширувањето е пат за стабилност и просперитет на регионот кој и самиот е дел од Европа. Факт е дека Хрватска е пример дека проширувањето е можно, но и дека мина цела деценија: „Атосмферата денес е целосно поинаква од онаа која владееше прeд 10 или 15 години, кога почна проширувањето на Централна и Источна Европа“, вели за ДВ Александра Штиглмајер од бриселското седиште на Центарот за европска стабилност. „Тогаш постоеше ентузијазам и чувство дека 'нешто оди заедно'. Денес го немаме тоа чувство. Проширувањето стана технички процес, а самиот Балкан во европската јавност има лош имиџ и постои поголема неодлучност да се напредува во процесот на проширување.“

Иако во Брисел и политичарите и аналитичарите ќе се согласат дека „целта останува иста“ и дека Западниот Балкан ќе влезе во ЕУ, со задолжително продолжување на реченицата - „кога ќе ги исполнат потребните услови“, јасно е дека иако нема разлика во содржината на ветувањата за европска перспектива, разликата може да се најде во контекстот. Покрај, веќе споменатиот европски ентузијазам, самиот процес на пристапување станува сѐ потежок и пообемен.

Пред ЕУ се лекции научени од претходните проширувања (особено при влезот на Романија и Бугарија, кој денес се оценува како пребрз и површен), но и цела низа отворени балкански прашања - од статусот на Косово, преку прашањето за името на Македонија до функционалноста на Босна и Херцеговина, која според зборовите на Штигелмајер „има долг список на работи кои мора да ги заврши за да може да испрати писмо во Брисел со барање за кандидатски статус“.

„Грешката е направена во Солун, кога беше изнесено верувањето дека Западниот Балкан може да влезе во ЕУ до 2014 година. Тоа беше духот на тогашното време. Источно и централно европските земји тоа го постигнаа брзо, имаше ентузијазам, проширувањето беше еден од најуспешните аспекти на Унијата. Тоа сега се смени“, истакнува Штиглмајер.

Целта е иста, темпото бавно

Сепак, не може да се каже дека нема напредок. Николас Вајт од советничката група Независни дипломати, ги наведува примерите на Хрватска, Србија и Црна Гора и за ДВ вели: „Постојат чекори напред, но се‘ оди бавно. Сметам дека можеме да бидеме разочарани со брзината со која се движи проширувањето во последните 10 години“.

И додека ЕУ засега нерадо говори за „замор од проширувањето“, а се споменува и балкански „замор од реформите“, во Брисел има и гласови кои повикуваат на забрзување на процесот со нови методи и стратегии. Постојат и оние кои по 2014 „предвидуваат“ нови рокови за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Самиот комесар за проширување споменуваше три нови членки во наредните 10 години. Се споменуваат и можни два круга на проширување - 2020 година за оние побрзите, каде се споменуваат Србија и Црна Гора и 2025 или дури 2030 за БиХ или Косово.

„Единствено што во овој момент може да се предвиди е дека ќе биде бавно и фрустрирачки и дека никогаш досега не сме биле сведоци на тоа да се случува процесот на проширување побрзо отколку што очекувавме“, заклучува Вајт во разговор за ДВ.