1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Наследството од 17 јуни 1953 година

На 17 јуни 1953 година во ГДР влегоа советски трупи и му ставија крај на демократското движење. Тоа беше силен сигнал и за другите источноевропски земји, оценува историчарот Јенс Шене.

ДВ: Господин Шене, од 17 јуни 1953 година поминаа шест децении. Зошто е важно потсетувањето на тој ден?

Јенс Шене: Тоа е еден од малкуте денови во германската историја, посебно во 20 век, во кој офанзивно се настапи за демократија, за слобода, за самоопределување. Бидејќи ние Германците немаме особено многу такви денови во нашата историја, ми се чини дека е крајно разумно да се занимаваме со тие настани.

ДВ: Кои беа луѓето што излегоа на улица? Беа ли во прв ред работници или и од другите делови на населението?

Шене: Класичната интерпретација е дека на 17 јуни работниците излегоа на „Алејата на Сталин“ во Берлин и потоа пожарот се рашири во целата тогашна Германска Демократска Република (ГДР). Но, тоа не е точно, оти веќе од 12 и 13 јуни имаше отпор во целата ГДР. И не се случуваше тоа само во градовите, туку и во руралните делови, во селата. Стануваше збор за вистинско народно востание, а не како што долго се велеше, за работничко востание.

ДВ: Ова е историја на едно неуспешно народно востание, оти советските тенкови го задушија. Како дојде до таа драматична интервенција на Советскиот Сојуз?

Шене: Веќе ноќта спроти 17 јуни во Москва беше решено востанието да се задуши по секоја цена, без никакви отстапки. Беа убиени 18 луѓе, некои многу самоволно, колку за заплашување на другите. Но, од друга страна можеше да испадне уште побрутално. Осум години по Втората светска војна советската страна можеше да предизвика крвопролевање, но не го стори тоа. Најчесто тенковите беа испратени на позиции, а војниците се обидуваа да зборуваат со востаниците. Дури кога тоа не функционираше, пукаа - но не во луѓето, туку над нивните глави, за да ги растераат.

ДВ: Зошто Западот не интервенираше?

Jens Schöne Stasi Unterlagen Berlin

Јенс Шене

Шене: Тоа се должи на договорот на сојузниците постигнат уште во Втората светска војна: секоја окупациона сила е одговорна за постапувањето во зоната што ја окупира. Не треба да заборавиме: Корејската војна речиси беше завршена, имаше атомско оружје и никој не беше заинтересиран да провоцира војна меѓу двете супер сили. Колку и да е горко за востаниците, од агол на гледање на сојузниците востанието беше нарушувач на мирот, што веќе не би можело да биде контролирано ако ескалираше.

ДВ: Какво беше меѓународното влијание на 17 јуни 1953? Како беше сфатено востанието во државите од Источниот блок, какво сигнално дејство имаше тоа таму?

Шене: Советскиот Сојуз на тој ден сосем јасно покажа дека не е подготвен да трпи процеси на демократизација во зоната под свое влијание и дека секој сантиметар почва ќе го брани и со оружје. Тоа е силен сигнал за другите источноевропски држави. Тие знаеја дека на секое залагање за демократија и слобода по потреба ќе беше одговорено со советски тенкови. Тоа се случи и во Унгарија 1956, како и во Чехословачка во 1968.

ДВ: Зошто во 1989 беше поинаку, зошто можеше да се случи мирна револуција?

Шене: Прво, во 1953 година востанието беше задушено со советски тенкови, кои во 1989 не беа извадени на улица. Но, револуционерите не можеа тоа да го знаат. Уште на почетокот на годината во Пекинг беше направен масакр - навистина, не со советски тенкови, но сепак со тенкови крваво беше задушено движење за демократизација. Значи, на граѓаните на ГДР кои демонстрираа мора да им се оддаде признание за храброст, иако на политичко ниво имаше знаци дека Советскиот сојуз и Михаил Горбачов нема да интервенираат со воена сила.