1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Наскоро одлука за укинување на визниот режим со ЕУ!?

Извештајот за исполнување на условите за визна либерализација со ЕУ од страна на земјите од Западен Балкан им е доставен на земјите членки на Унијата. На средината на јуни се очекува одлука.

default

Одлуката за укинување на визите за патување во ЕУ за земјите од Западен Балкан ќе биде донесена на идниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ, што ќе се одржи на 15 јуни во Луксембург, јави австриската новинска агенција АПА. Реално е дека граѓаните на „една до три земји“ кон крајот на оваа или почетокот на идната година ќе бидат ослободени од визи, изјави за агенцијата неименуван дипломат од ЕУ. Според него, во моментот се водат дискусии за тоа дали земјите од Западен Балкан ќе добијат визно олеснување „во пакет“, или, пак, одделно.

Баро ги оценил високо досега постигнатите резултати

Македонија очекува ЕУ наскоро да ја почне правната процедура за укинување на визите врз основа на индивидуалниот пристап, а безвизниот режим за македонските граѓани да стапи во сила до крајот на оваа година, истакнал министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на вчерашната средба во Брисел со потпретседателот на Европската комисија задолжен за правда, слобода и безбедност Жак Баро.

Themenpaket Schengen Abkommen Ort Schengen

Потпретседателот Баро, како што информира МНР, го поздравил напредокот што Република Македонија го постигна во процесот на визната либерализација. Високо ги оценил досега остварените резултати во исполнувањето на одредниците во областа на правдата и внатрешните работи, особено во делот на реформите во полицијата, правосудството и борбата против корупцијата, поздравувајќи го континуираниот ангажман на македонската Влада за што поскоро остварување на целта за почеток на пристапните преговори.

Европската комисија во својот извештај оцени дека Република Македонија ги исполни критериумите од Патоказот и е на добар пат да ја оствари целта за безвизен режим, за што конечната одлука ќе ја донесат земјите-членки.

Почнуваат консултациите за визната либерализација

Земјите членки на ЕУ од денеска ги почнуваат консултациите за извештајот на Европската комисија за исполнување на условите за визна либерализација за државите од Западен Балкан. Европската комисија соопшти дека извештајот вчера им е доставен на 27 членки на Унијата. Од нивното мислење и времетраењето на консултациите ќе зависи дали ЕК уште во јуни ќе може да даде предлог за укинување на визите за Македонија, која е оценета како најнапредна во испонувањето на критериумите. Жак Баро најави дека откако ќе ги добие мислењата во најкус можен рок ќе препорача укинување на шенгенската визна бариера за земјите кои ги исполниле условите.

Конечната одлука за визната либерализација се носи со квалификувано мнозинство односно треба да ја поддржат две третини од земјите членки на Унијата, по претходно дадено мислење и од Европскиот парламент.

Автор: СН/миа

Редактор: Александра Трајковска