1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Наскоро нова рунда преговори за атомската програма на Иран

Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија ќе ги продолжат преговорите за спорната нукларна програма на Техеран во Виена на средината на мај.

Иранскиот претставник во Меѓународната агенција за атомска енергија, Али Азгар Солтание изјави дека наредната рунда преговори за атомската програма на неговата земја ќе се оддржат на 13 и 14 мај во седиштето на агенцијата во Виена.

„Оваа одлука уште еднаш ја докажува решеноста на Иран да соработува со агенцијата и потврдува дека обвинувањата на сметка на Иран се без основа“, изјави Солтание. Меѓународната агенција за атомска енергија во извештајот за Иран објавен на крајот од февруари годинава наведе дека и натаму има сериозни стравувања за можна воена димензија на иранската атомска програма.

Западни дипломати минатата недела рекоа дека Иран изразил подготвеност за повторно придвижување на разговорите со МААЕ, два месеца откако нивниот последен состанок заврши без успех.

Меѓутоа, истите извори додаваат дека Техеран и натаму нема намера да го задоволи барањето за овозможување на инспекција на клучната воена постројка.

Земјите од Западот и Израел го обвинуваат Иран дека под плаштот на цивилната атомска програма се обидува да произведе атомско оружје.