1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Наскоро заедничка седница на владите на Македонија и на Србија

На денешната средба во Скопје премиерите Никола Груевски и Ивица Дачиќ договорија заедничка седница на македонската и на српската влада, што според првично договореното, би се одржала во мај во Белград.

На пресконференцијата по средбата во Скопје, премиерите на Македонија и на Србија, Груевски и Дачиќ порачаа дека заедничката седница на владите , на која би учествувале дел од министрите од двете земји, би била дополнителен импулс во развојот на односите меѓу двете земји.

„Нашите две држави и натаму остануваат посветени на продлабочување на соработката, на унапредување на севкупните односи на секое ниво од билатерална соработка и на развој на проекти што ќе имаат силна улога во развој на економијата, така што во тој правец се надеваме дека начелно договорената заедничка седница на владата, која што треба да ја одржиме кон средината на оваа година, ќе биде дополнителен импулс во развивањето на односите меѓу двете држави, но и дополнителен импулс кон придвижувањето на проектите што се значајни за двете држави“, изјави премиерот Груевски.

„Се договоривме некаде во мај, доколку ни дозволат условите, во Белград да биде одржана седница на двете влади. Не на целите влади, туку на министрите од оние ресори за кои сметаме дека се важни за нашите билатерални односи, да ја разгледаме актуелната ситуација по сите овие теми и тоа би требало да биде придонес за нашата соработка и состаноците би требало да бидат редовни и да се одржуваат еднаш годишно“, изјави српскиот премиер Дачиќ.

На средбата станало збор за севкупните политички и економски односи меѓу Македонија и Србија и е изразена подготвеност за нивен натамошен развој.

„Наш интерес е да бидеме членки на Европската Унија. Ние поддржуваме вие што поскоро да добиете датум за отпочнување преговори, исто како што го пожелуваме тоа на нас самите. Од друга страна, свесни сме за сите проблеми што ги имаме на тој пат. Мислиме дека една од можните решенија е сите земји од овој регион да бидат членки на Европската Унија во иднина“, рече српскиот премиер Дачиќ.

Коментирајќи го спорот меѓу Македонската и Српската православна црква, двајцата премиери понудија помош за негово надминување, но посочија дека договорот зависи од двете цркви.

„Ние како политичари, како премиери, сакаме да помогнеме за разрешување на ова прашање. За нас како Македонија тоа е значајно прашање. Прашањето на крајот мора да биде решено од двете цркви, меѓутоа како олеснувачи и на било кој начин ако можеме да олесниме, секогаш сме тука да помогнеме“, рече премиерот Груевски.

„Ова прашање, исто така се рефлектира на меѓудржавните односи. Станува збор за сопственост на Српската православна црква и сe’ е тоа поврзано со релаксација на црковните односи. Ние како држави сакаме да посредуваме работите да се доведат до некој одржлив однос и решение кое би било во овој момент прифатливо за сите“, рече Дачиќ, прашан за можноста годинава македонска делегација да го одбележи Илинден во манастирот „Св. Прохор Пчински“.

Во врска со противењата на албанскиот политички фактор во Македонија за посетата на Дачиќ, по случувањата во Прешево, премиерот Груевски одговори дека такви коментари не слушнал, додека за српскиот премиер нема ништо спорно во посетата.