1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Насилство на протестите против капитализмот

Движењето против социјалната нерамноправност вчера се прошири на 950 градови низ целиот свет. Освен судирите во Рим и Њујорк, протестите минаа мирно.

default

Протестите против социјалната нерамноправност и алчноста на банките кои вчера паралелно се одржуваа во повеќе земји во светот, станаа насилни во Рим и Њујорк, каде дојде до судири на демонстрантите со полицијата.

Десетици илјади луѓе вчера маршираа во Рим, Лисабон и Мадрид. Во главниот град на Италија дојде до жестоки судири, откако демонстрантите запалија автомобили и уништуваа претставништва на банки. Во Њујорк беа уапсени повеќе од 70 демонстранти.

Протестите се инспирирани од движењето „Окупирај го Вол стрит“ кое започна во САД, како и од движењето на т.н. „Огорчени“ во Шпанија, но вчера се прошири на повеќе од 950 градови во 80 земји во светот.

Експлозија на насилство во Рим

Насилството ескалираше во Рим, каде, групи маскирани луѓе се уфрлиле во протестите кои започнаа мирно и почнале да уништуваат се’ што им се наоѓало на патот. Полицијата интервенирала со солзавец и со водени топови.

Weltweite Proteste gegen Finanzindustrie und Krise Rom Italien

Судир на полицијата со демонстранти во Рим

„Има само едно решение: Револуција!“, пишуваше на еден транспарент во Рим. Група демонстранти носеа и ковчег со името на премиерот Силвио Берлускони на него. Берлускони подоцна ги осуди насилствата, слично како и римскиот градоначалник Џани Алемано. 70 луѓе биле повредени во судирите, тројца од нив се наоѓаат во критична состојба.

Протестите добија неочекувана поддршка и од гувернерот на италијанската централна банка Марио Драги, поранешен функционер во гигантот „Голдман Сакс“, кој во иднина ќе биде и претседател на Европската централна банка.

„Тие му се лути на светот на парите. Можам да ги разберам“, рече Драги.

Судири во Њујорк

Протести имаше низ цела Европа. Во Амстердам, Атина, Брисел, Женева, Париз, Сараево...

Во Лондон, полицијата ги спречи околу 800-те демонстранти да го блокираат берзанскиот кварт, и притоа уапси пет лица. На протестите им се придружи и основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

Occupy Wall Street Proteste in London Großbritannien

Во Лондон беа уапсени пет лица

„Го поддржуваме протестот затоа што веруваме дека банкарскиот систем во Лондон прима ’валкани’ пари“, рече Асанж.

Својот гнев, демонстрантите го насочија и кон Европската унија, откако околу 9.000 протестанти маршираа кон седиштето на Унијата во Брисел.

Во САД, најмалку 74 лица беа уапсени, откако илјадници маршираа во Њујорк. Полицијата со коњи навлезе во масата луѓе кои се обидуваа да стигнат до Тајмс сквер, при што една жена беше потешко повредена. Се демонстрираше и во Вашингтон, Мајами, Лос Анџелес и други градови.

Помали групи од по неколку стотици луѓе го искажаа гневот против финансискиот систем и во берзанскиот кварт во Хонг Конг, Токио и Сиднеј.

Автор: БГ/афп

Редактор: Александра Трајковска